Ни пенџерче, ни клима, патниците се сварија во старите автобуси на жештините

1024

Граѓани се жалат дека во некои автобуси на градските линии нема клима, па присилени се да се печат во затворен простор во преполн автобус во кој не може ни да се дише. Посебно, нагласуваат тие, е многу лошо деновиве кога температурите достигнуваат и над 35 степени. Мора да се оди со автобус, велат, но што ако на некој му се слоши?

Ако немаш возило во Скопје и мораш да се возиш со автобус, велат, како да си казнет. Поединци сметаат дека дури и да го издржат патувањето без видни проблеми, самите нервози кои човек ги има од горештините и од тоа што испотен треба да оди на работа, се доволно штетни по здравјето. Бараат да се реши овој проблем што поскоро, бидејќи сметаат дека е можно во август температурите да бидат уште повисоки.

– Во повеќето наши автобуси воопшто нема вградени клими. До пред петнаесетина години во автобусите воопшто не се вградуваа клими бидејќи имаше став дека се нефункционални во градските автобуси. А и овие што имаат клими не се функционални заради тоа што тие застануваат на секој петсто метри односно на две до три минути отвараат три двокрилни врати, така што колку и да функционира таа клима внатре и да ја има во градскиот автобус во овие горештини и вакви фреквентни линии, нема ефект. Значи веднаш се изедначува температурата со надворешната, силно е сонцето, го загрева и возилото така што … функционалноста е лоша. Некаде каде што дува климата имаме и поплаки од граѓаните кои се жалат на тоа, така што поделеност има, некои сакаат – за Плусинфо рече Ленин Јовановски, директор на „Слободен превоз“.

Според него, ефектот на климата во автобусите што се на градски линии е незабележителен. Тој додава дека можеби климата дејствува кај двокатните автобуси на Јавното сообраќајно претпријатие и тоа на вториот кат каде не се чувствува отворањето на вратите.

Од ЈСП Скопје ни беше кажано дека 90 отсто од возилата кои се пуштаат во сообраќај имале исправна клима.

– Јавниот превоз го сочинува ЈСП Скопје и приватните превозници, а за жал, дел од јавноста, патниците не поистоветуваат. ЈСП Скопје одговорно тврди дека согласно денешната евиденција, во 90 отсто од возилата кои се пуштаат во сообраќај, клима уредите се исправни и се во функција. Преостанатиот дел се предмет на сервисирање, проблем кој е настанат тековно и не може да се предвиди. Посочените возила не се пуштаат во сообраќај. Се случува во некои возила на ЈСП Скопје климите да се исклучени, со оглед на тоа дека некогаш има реакции на дел од граѓаните дека им е преладно, па возачот е приморан да ги исклучи како не би се нашол во незавидна положба со оглед на заканите – велат оттаму.

Вчера имале три поплаки од повозрасни патници дека им било преладно.

– Впрочем, не секогаш на сите патници може да им се угоди. За жал, чести се и ситуациите клима уредите да се вклучени, а прозорите отворени. ЈСП Скопје нема ингеренции за состојбата на возилата на приватните превозници – нагласија од ЈСП.

Градот Скопје редовно врши контрола врз сите лица кои вршат организиран јавен превоз во рамките на Градот Скопје, согласно Одлуката за линиски превоз на патници во градот Скопје, ни беше речено оттаму.

– Во однос на температурата, согласно прописите, сите автобуси кои вршат јавен превоз во Скопје мора да се проветруваат и температурата мора да биде помеѓу 10 и 25 степени. Доколку превозниците не се придржуваат до овие одредби, истите можат да бидат санкционирани од страна на овластените инспектори за патен сообраќај на Град Скопје. Нашите инспектори се на терен и ги контролираат автобусите и оваа состојба, а истите ќе ги засилат нивните активности на терен. Дополнително, наредната година ќе започне да се изготвува нов јавен оглас за доделување на линии и дозволи за вршење на линиски превоз на патници на подрачјето на градот Скопје, во кој ќе бидат предвидени строги критериуми и стандарди кои ќе треба да ги исполнат автобусите за да можат истите да бидат вклучени во јавниот линиски превоз – рекоа од Градот за Плусинфо.

Се чини дека за да се стигне од едно до друго место по пеколните горештини, треба да се има среќа за да се начека автобус кој има клима, помалку туркање и помалку дишење во врат.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...