Генералниот секретаријат на Владата донесе Правилник за утврдување на распоредот на работното време и за начинот на водење на електронска евиденција на работно време и реализацијата на работните задачи, соопшти владината прес служба.
Како што е соопштено, Правилникот за електронска евиденција на работно време и прекувремената работа, освен уредувањето на правилата за максимална ефикасност на работното време на службениците, наложува и стручно, професионално, навремено и уредно извршување на работните задачи, особено во делот на сервисирањето на услугите кон граѓаните, кон останатите институции од јавниот сектор, како и кон компаниите.
За исполнувањето на своите работни обврски, службениците во Генералниот секретаријат на Владата, се должни редовно да ги пополнуваат извештаите за работните активности, врз основа на кои ќе се проценува нивното исполнување и ефикасност.
Согласно генералните принципи на Владата за отворени, достапни и ефикасни услуги за граѓаните, Правилникот има за цел да постигне поголема одговорност во работењето на службениците вработени во Генералниот секретаријат на Владата.
Се очекува системот да ја подобри ефикасноста и квалитетот на услугите, а има за цел и да воспостави вредносен, мерит систем, за наградување на административните службеници за дополнителното ангажирање надвор од работното време, за награда за квалитетно извршената услуга во интерес на граѓаните и на правните лица, како и да определи мерки за неисполнување на задачите или за исполнување под предвидените стандарди за ефикасност и квалитет.
Подготвено е и видео како ќе изгледа системот за подобрување на ефикасноста на владините службеници.