ОБСЕ/ОДИХР не кажува дали изборите во Албанија се важечки

116

Шефицата на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, Едру Гловер, попладнево ги претстави првичните оценки за вчерашните локални избори во Албанија, при тоа неколкупати повторувајќи дека гласачите биле под притисок од сите политички партии и дека во некои случаи не гласале слободно и не биле добро информирани. Таа ги повика политичките актери да работат во име на сите граѓани, а не само за оние кои ги поддржуваат.

Таа најави дека по собирањето на сите информации од терен конечната оценка ќе биде внесена во финалниот извештај кој ќе биде готов по два месеца.
– Не е наш мандат да ги потврдиме изборите, но ние ги следиме и потоа излегуваме со финален извештај. И ние исто така видовме докази дека гласачите беа под притисок од сите политички партии, кои во некои случаи не им дозволуваа на гласачите слободно да гласаат и не беа добро информирани. Сепак, и покрај несигурноста изборите се одржаа вчера. Независно од тоа дали учествувале или не на изборите, гласачите нив требаше да ги третираат со почит – изјави Гловер.
И покрај обидите на новинарите таа сепак прецизно не одговори дали изборите се важечки. Сепак рече дека „можеби повеќето од препораките на ОБСЕ не се испочитувани“.

Нагласи дека со посебно внимание го следат прашањето со поголемиот број на излезени гласачи од бројот на запишаните во Избирачкот список и посочи дека оваа забелешка треба да ја испитуваат надлежните.

– Сакаме Албанија да успее во решавањето на политичките недоразбирања и бараме од политичките актери да работат во име на сите граѓани на оваа земја – рече Гловер.

Вчерашните избори се 14-ти по ред во Албанија кои ги набљудува мисија на ОБСЕ/ОДИХР.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...