Најголемата прехранбена индустрија во земјава, Витаминка ги применува најновите стандарди за безбедност на храна. Стандардизацијата на производството и имплементирањето на принципите, позитивно се одразуваат врз производството, стекнувањето доверба од потрошувачите и на подобрата позиционираност на пазарот.
На денешниот настан во Стопанска комора на Македонија, на тема Меѓународниот стандард за безбедност на храната – поголема доверба и конкурентност на компаниите, Витаминка е издвоена како компанија што навремено и доследно ги внесува новите стандарди и беа посочени предностите што применувањето на стандардите ги носи за компаниите во производниот сектор.
– За исполнување на овие принципи Витаминка има воспоставено и доследно го применува и подобрува Системот за управување со квалитет и животна средина усогласен со барањата на стандардите ISO 9001:2015 и ISO 14001:2015, Системот за анализа на ризикот во критичните контролни точки – HACCP систем, усогласен со принципите и препораките на Codex Alimentarius Commission и Светската здравствена организација, како и системот за безбедност на храната во согласност со IFS стандардот, секако почитувајќи ги притоа сите важечки законски прописи. Сите стандарди кои се однесуваат на управување со процесот, следење на набавниот и производниот синџир, складирање и доставување, редовно и навремено се надградуваат следејќи ги најскорешните препораки и промените наметнати од потребите за што поголема безбедноста на производите – вели Олга Ристеска, Координатор за обезбедување квалитет во Витаминка.
Напредниот ISO 22000 стандард, којшто лесно се интегрира со останатите меѓународни стандарди, коишто даваат поголем акцент на организацијата и управувањето со ризици и можности, во фабриката на Витаминка за производството на сончогледово масло, Брилијант е веќе имплементиран а во текот на 2019 година предвидена е целосна имплементација и сертификација на овој стандард по новата верзија 2018 на ниво на цела компанија.
– Раното внесување на ISO 22000:2005 како и применување на принципите на кои се базира, даде многу позитивни резултати и иницираше конструктивни промени. Ни овозможи јасно да ги дефинираме одговорностите и надлежностите на сите вработените, ја зголемивме свесноста околу прашањата за хигиена и безбеден производ. Воспоставивме квалитетен однос со купувачите, добавувачите и вработените. Обезбедивме следливост како најважен дел, го проширивме пазарот и продажбата на масло без ниту една рекламација. Безбедниот производ е најважното прашање во меѓународната трговија и тоа мора да се почитува – вели Жаклина Георгиева, шеф на лабораторија Фабрика 3 Брилијант.
-ISO 22000:2018 е првиот стандард кој може да се користи од страна на сите учесници во синџирот на снабдување со храна, познат како „од нива до трпеза“ и ги вклучува и добавувачите на непрехранбените производи и услуги, како што се производители на опрема и пакување, како и даватели на логистичките услуги. Целта на стандардот, новоревидираниот ISO 22000:2018 е да се усогласат на глобално ниво барањата за управување со храната во прехранбената индустрија и индустриите поврзани со неа и официјално да се утврдат елементите кои влегуваат во состав на еден систем за управување со безбедноста на храната. Овој стандард е развиен на ист начин како и другите стандарди за системи на управување, а пред сè ја потенцира безбедноста на храната, но обезбедува и можност за демонстрирање ефективност, ефикасност и континуирано подобрување на компанијата во сопственото работење – вели Емилија Тодоровска, самостоен советник во Спопанска комора на Македонија.