Приватната иницијатива и здравите институции клучни за трајно одржлив економски раст

Анализирано од аспект на факторите на остварениот раст во првиот квартал од 2019 година од страната на потрошувачката, укажува на фактот дека тој беше примарно воден од растот на личната потрошувачка и од растот на инвестициите. Растотна личната потрошувачка се совпаѓа со растот на платите од 4,9 отсто (првиот квартал од 2019 година во однос на првиот квартал од 2018 година) и високиот раст на кредитите на населението, околу 12 отсто. Долгорочно набљудувано, вака високи стапки на раст на личната потрошувачка нема да може да се одржува преку растот на платите и кредитите. Согласно со тоа, растот на БДП ќе мора да се потпира врз други фактори на раст, а не главно врз личната потрошувачка.

355

Економијата на Република Северна Македонија во првиот квартал од 2019 година оствари импресивен раст од 4,1 отсто на бруто домашниот производ (БДП). Растот е импресивен, затоа што истиот е остварен без значително мешање на државата во економијата. Според податоците на Државниот завод за статистика, двигатели на растот беа домашната лична потрошувачка и инвестициите на приватниот сектор, додека нето извозот имаше мало негативно влијание врз растот на БДП.

Се покажа дека приватниот сектор преку „невидливата рака“ на пазарните сили врши
најефикасна алокација на ресурсите коишто обезбедуваат долгорочен раст, вработување и просперитет. „Невидливата рака“ ги дефинира цените на стоките, услугите, работната сила, парите, капиталот преку урамнотежување на понудата и побарувачката. Така, и во случајот со економскиот раст во Северна Македонија се покажа дека двигател на растот и вработувањата е приватниот сектор, а  државата треба да создава економски амбиент и здрави и ефикасни институции кои индиректно ќе го поддржуваат растот. Се покажа дека советот што му го дале француските бизнисмени на министерот за економија на Луј XIV се валидни и во денешно време. Според преданијата, кога францускиот министер запрашал еден трговец: што смета дека Владата треба да направи за него, трговецот одговорил: „Laissez-nous faire, morbleu, laissez-nous faire!“ – „Државата подалеку од бизнисот, само слободен пазар!“

Современата макроекономска мисла, покрај ефикасните пазари и здравиот макроекономски амбиент, ја признава потребата и од државната интервенција и регулатива. Здравите  и ефикасни институции се сметаат за клучни во реализацијата на трајно одржлив економски раст. Ефикасни регулаторни тела, ефикасна јавна администрација, владеење на правото и брзо решавање на споровите, развиена и ефикасна инфраструктура, добро организирано и ефикасно здравство и образование се предизвици од кои ќе зависи одржливоста и забрзувањето на 4,1 отсто, oстварени во првиот квартал од оваа година.

Анализирано од аспект на факторите на остварениот раст во првиот квартал од 2019 година од страната на потрошувачката, укажува на фактот дека тој беше примарно воден од растот на личната потрошувачка и од растот на инвестициите. Растот
на личната потрошувачка се совпаѓа со растот на платите од 4,9 отсто (првиот квартал од 2019 година во однос на првиот квартал од 2018 година) и високиот раст на кредитите на населението, околу 12 отсто. Долгорочно набљудувано, вака високи стапки на раст на личната потрошувачка нема да може да се одржува преку растот на платите и кредитите. Согласно со тоа, растот на БДП ќе мора да се потпира врз други фактори на раст, а не главно врз личната потрошувачка.

Растот на нето извозот во првиот квартал од 2019 година имаше негативен ефект од 1,3 процентни поени врз растот на реалниот БДП. Овој ефект е спротивен во однос на 2018 година, кога растот на нето извозот беше двигател на растот на БДП. 2018 година беше една од ретките години во која нето извозот придонесе за раст на реалниот БДП. Во наредниот период, нето извозот ќе мора да стане клучен фактор на растот на страната на побарувачката. Фокусот мора да биде на нето извозот, а не на извозот генерално. Извозот што се засновува на висок увоз од 90 и над 90 отсто, не влијае значително врз растот на БДП, бидејќи увозот е компонента на растот на БДП во странските економии. За трајно одржлив економски раст на ниво од околу 5 отсто
годишно, економијата на Северна Македонија ќе мора да има раст на нето извозот од околу 8-10 отсто годишно, што би значело раст на извозот од околу 12-15 отсто и увозот од околу 5-7 отсто. Или, кажано со други зборови, увозната компонента во извозот да не надминува 70 отсто. Тоа ќе бара големи вложувања, преструктуирање на домашната економија, раст заснован на иновации и нови технологии и користење на традиционалните компаративни предности на Република Северна Македонија. Тоа треба да ја движи продуктивноста и долгорочниот раст на реалните плати. Во спротивно, растот на платите кој нема да биде корелиран со растот на продуктивноста ќе ја намалува конкурентноста на економијата на Северна Македонија.

Гледано од тој аспект, Владата ќе треба мерките за поддршка на извозот да ги
димензионира во зависност од растот на нето извозот. Притоа, најголема поддршка ќе треба да добијат компаниите со нето извоз над 30 отсто, додека компаниите со нето извоз од 10 и над 10 отсто би добивале најмала поддршка. Со тоа би се поддржал и пазарниот механизам за алокација на ресурсите во корист на најдобрите извозни компании кои најмногу придонесуваат за растот на реалниот БДП.

Растот на бруто инвестициите во првиот квартал е охрабрувачки. Тие придонесоа кон
растот на БДП со 3,7 процентни поени. Ова треба да се трансформира во трајна карактеристика на економијата. Комбинацијата на домашни и странски инвестиции (кои во претходната година достигнаа рекордно високо ниво), што е одраз на првите резултати од економските реформи и подобрената сигурност во земјата треба да зајакне и бруто инвестициите да станат двигател на преструктуирањето, новите технологии и иновации и конечно растот на нето извозот.

Сето тоа наметнува заеднички да се изгради нов модел на економски раст на Република Северна Македонија. Да се изгради култура на инклузивно општество, засновано на трајни иновации и промени. Трајно одржливиот економски раст ќе мора да биде воден од инвестициите на приватниот сектор – домашни и странски, како и од растот на нето извозот. На тој план малата економија има една голема предност – брзо градење на консензус помеѓу бизнис заедницата, носителите на економските политики и академските експерти околу целите и мерките на инклузивниот модел на економски раст.

Проф. д-р Глигор Бишев, потпретседател на Стопанската комора на Македонија и претседател на УО на „Шпаркасе Банка Македонија“ АД Скопје.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...