Лидерите на земјите од Г-20 успеаја на самитот во Осака да усвојат заеднички пристап за решавање на проблемите и истовремено да не ги зголемат постојните разлики, рече јапонскиот премиер Шинѕо Абе, на крајот од самитот.
– Постојат многу различни мислења за Г-20. Велат дека е тешко да се најде заеднички став во овој клуб. Но, многу е важно што можевме да најдеме заеднички пристапи за многу проблеми – рече Абе на прес-конференција.
Во заедничко комунике од самитот, лидерите се заложија за промовирање „слободна, фер и недискриминаторска“ трговија и ветија дека ќе ги користат „сите политички средства“ за поддршка на глобалната економија, во услови на постоечки ризици.
Лидерите на Г-20 се обврзаа и дека ќе се борат против климатските промени, обидувајќи се да ги намалат емисиите на гасови работејќи на финансирање на одржлив развој и подобра иновација.
Во комуникето, исто така, се наведува дека ќе се разгледа широк спектар на чисти технологии и пристапи, вклучително и „паметни градови, екосистеми и пристапи базирани на заедницата“.
Од друга страна, САД во комуникето ја повторија својата одлука да се повлечат од Парискиот договор за климатски промени, „затоа што ги уназадува американските работници и даночните обврзници“.
Германската канцеларка Ангела Меркел ги поздрави лидерите на Г-20 кои успеаја да останат при заедничкиот став за климатските промени од последниот самит во Аргентина и тоа што 19 земји се обврзаа да го почитуваат Парискиот климатски договор, освен САД кои останаа против.
– Овој процес не може да се смени – рече Меркел.
Таа додаде дека некои лидери во Осака веќе ја најавиле својата подготвеност да ја зголемат заложбата за намалување на емисиите на гасови на нула до 2050 година.
Ангела Меркел, исто така, го пофали договорот на ЕУ и на латиноамериканскиот блок Меркосур за создавање најголема зона за слободна трговија во светот по 20 години преговори.
ФОТО: EPA / G20 HANDOUT