САД денеска го засилија притисокот врз венецуелскиот претседател Николас Мадуро, воведувајќи санкции кон неговиот син Николасито Мадуро.
Како што соопшти американското Министерство за финансии, санкциите кон Николасито Мадуро се воведни поради неговото учество во ширењето пропаганда и воведувањето цензура, како и затоа што профитирал од заработката на венецуелските рудници и помагал во притисокот на војската за спречување на влез во Венецуела на меѓународната хуманитарна помош.
– Мадуро се потпира на неговиот син Николасито и на другите блиски соработници на неговиот авторитарен режи, за да го одржи притисокот врз економијата и да ги угнетува жителите на Венецуела. Министерството ќе продолжи со целни мерки против соучесниците и роднините на припадниците на незаконскиот режим, кои профитираат од корупцијата на Мадуро, се наведува во соопштението на американското Министерство.
САД, како и повеќето западни земји, не го признаваат ланскиот реизбор на Николас Мадуро за претседател на Венецуела и го сметаат првиот човек на Националното собрание, Хуан Гуаидо за легитимен привремен шеф на државата.
За разлика од ова, Русија, Кина, Турција и неколку други земји за легитимен претседател на Венецуела го сметаат Мадуро, кој го обвинува Гуаидо дека е марионета на Вашингтон.