Претседателите на Русија и САД, Владимир Путин и Доналд Трамп се согласни дека тензичната состојба поврзана со Иран мора да се реши со политички и дипломатски средства, изјави денеска шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, по средбата на двајцата лидери на маргините на Самитот на Г-20 што се одржува во Осака.
Лавров нагласи дека на денешната средба, Путин и Трамп разговарале за повеќе меѓународни прашања, меѓу кои и оние поврзани со Сирија и Украина, но посебно внимание посветиле на Иран во контекст на актуелната состојба околу Договорот за иранската нуклеарна програма и случувањата во Оманскиот Залив.
– Состојбата е тешка, но двајцата претседатели потврдија дека сакаат да најдат дипломатско решение за таа состојба, нагласи Лавров.
Тој притоа го повтори рускиот предлог за зајакнување на врските меѓу Иран и арапските земји од реонот на Персискиот Залив со помош на постојаните членки на Советот за безбедност на ОН и останатите меѓународни и регионални организации.
– Тоа е ветувачко решение и сите почнуваат во него да препознаваат можност за воспоставување дијалог со цел се спречи понатамошна ескалација на тензиите и да се избегне вклучувањето воени сили во натамошниот развој на настаните, додаде Лавов.
Инаку денешниот руско-американски самит во Осака беше прва средба на двајцата претседатели, откако Трамп ги откажа разговорите со Путин, што требаше да се одржат во Аргентина на маргините на самитот на Г-20 лани во декември. Од тогаш, Путин и Трамп само еднаш разговараа по телефон и тоа минатиот месец.
Photo: EPA / YURI KOCHETKOV