Во 16 отсто од случаите при користење роаминг од корисници од државава имало нереално висока сметка што претставува пад од два отсто во однос на минатата година. Повеќето од лицата што добиле висока сметка за роаминг сметаат дека таа се должи на користењето разговори (36 отсто) и користење на интернет (32 отсто), додека 40 отсто не знаат на што се должи висината на сметката.
Тоа се дел од клучните наоди од испитувањето на јавното мислење од аспект на заштита на корисници на елекотронски комуникациски услуги, спроведено за потребите на Агенцијата за електронски комуникации од 24 до 31 минатиот месец врз репрезентативен примерок од 1 100 испитаници.
Скоро една петтина од испитаниците кои знаат што е роаминг слушнале за договорот за регионален роаминг. Oд нив 16 отсто ја користеле таа поволност. Половина од корисниците на регионален роаминг, пак, сметаат дека тој е незначително поевтин.
Ново намалување на цените на услугите во роаминг помеѓу Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и БиХ ќе има од понеделник. Од тој датум цените ќе се намалат за 27 отсто, а од јули 2021 година ќе бидат целосно укинати, согласно со Договорот потпишан на Вториот дигитален самит за Западен Балкан, како предуслов за почнување на постапката за укинување на роамингот кон Европската унија.
Според податоците на АЕК, во последните 12 месеци, 18 отсто од населението од државава користело роаминг. Повеќе од една четвртина (27 отсто) од корисниците на роаминг се информираат за цената за роаминг во соодветната земја. Роамингот најчесто се користи за испраќање на СМС пораки –78 проценти и за разговори 54,8 проценти, додека интернет во роаминг користеле само 18 отсто од корисниците.
Во мобилната телефонија бројот на корисници кои потпишале двегодишен договор бележи раст од 7 отсто во однос на 2018 година и изнесува 65 отсто. Мнозинството од корисниците што склучуваат договор доплатиле за телефонски апарат (53 отсто) или добиле телефонски апарат бесплатно (30 отсто).
Корисниците на интернет преку мобилен телефон бележат раст годинава (69 отсто) во однос на минатата година (64 отсто). Задоволството кај овие корисници во однос на брзината и достапноста на мобилниот интернет е зголемено во 2019 година во споредба со претходната година, додека задоволството од цената на оваа услуга останува речиси непроменето.
Телефонски приговарале девет отсто од корисниците на мобилна телефонија и 21 процент од нив биле потполно задоволни од одговорот на операторите. Бројот на незадоволни корисници од одговорот е намален во однос на 2018 за шест проценти. Писмен приговор упатиле 2 отсто од корисниците на мобилна телефонија, од кои повеќето, 82 отсто приговарале за висината на сметката. На 82 отсто од испитаниците што поднеле писмен приговор им е одговорено за помалку од 15 дена