Косовскиот претседател Хашим Тачи изјави денеска дека доколку оваа година не биде постигнат правно обврзувачки договор меѓу Косово и Србија, односите меѓу двете земји ќе влезат во опасна зона и ќе доведат до дестабилизација во регионот.
– Сакаме веднаш и засекогаш да ги разјасниме нашите односи како држава со држава, што може да се постигне само преку дијалог со јасни рокови, прецизни цели, гаранции и меѓународна поддршка од САД и ЕУ. Не се сомневам дека доколку оваа година не се постигне правно обврзувачки договор меѓу Косово и Белград, тогаш ќе влеземе во опасна зона на односите, кои можат да го дестабилизираат целиот регион, истакна Тачи на отворањето на конференцијата „Гласот на народот“ во Приштина.
Тој нагласи дека ситуацијата и последните случувања воопшто не се ветувачки и работите не се движат во позитивен правец.