Екрем Имамоглу победи во трката за градоначалник Истанбул, освоил 55 отсто од гласовите

Kандидатот на владеачката партија за правдата и развојот веќе го призна поразот и му честиташе на Имамоглу.

1063
FOTO Printskrin

Во трката за градоначалник на Истанбул победи Екрем Имамоглу, кандидатот на Републиканската народна партија. Според првичните неофицијални резултати, за него гласале околу 55 отсто или 4 милиони и 600 илјади жители на најголемиот турски град. Веднаш зад него е поранешниот премиер, Бинали Јилдирим, со освоени 45 проценти од гласовите. За останатите кандидати гласале само 0.8 проценти од гласачите.

– Упатувам благодарност до нашиот народ, и до моите сограѓани во Истанбул. Пред очите на целиот свет, вие ја заштитивте демократската репутација на Турција. Вие како народ ја заштитивте вековната демократска традиција. Ви благодарам, мои сограѓани од Истанбул – изјави Екрем Имамоглу.

Kандидатот на владеачката партија за правдата и развојот веќе го призна поразот и му честиташе на Имамоглу.

– Моментално води мојот противкандидат, Екрем Имамоглу. Упатувам честитки до него, и му посакувам успех. Изборите значат демократија. Овие избори уште еднаш покажаа дека демократијата во Турција функционира на најдобар и беспрекорен начин – изјави Бинали Јилдирим.

Жителите на Истанбул, пред изборите беа со поделени мислења. За едни, Имамоглу е надеж дека работите наскоро ќе се променат, други пак сметаат дека е исправна политиката на владеачката партија предводена од Ердоган. За многумина, денешното гласање преставува тест за тоа како ќе се развива државата во иднина.

– Како жител на Турција и млад образовен човек, го подржувам имамоглу бидејќи верувам дека неговите проекти имаат за цел да ги решат вистинските проблеми со кои се соочуваме – изјави Дениз Чаликиран.

– Јас се соочував со многу проблеми во периодот кога оние кои носеа марама поради верски причини не им беше дозволено да се образуваат. 20 години подоцна успеав да се образувам и да станам наставник.  Тоа го дозволи АКП и нашиот претседател Ердоган –  изјави Сема Акбас.

Локалните избори во Турција се одржаа кон крајот на март оваа година, но Врховната изборна комисија на државата на 6 мај донесе одлука со која ги поништи резултатите за градоначалник на Истанбул, и нареди повторување на изборите.

ФОТО Принтскрин

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...