Заев пред 70 министри и гувернери се пофали дека домашната економија забрзано расте

498

 Република Северна Македонија преку спроведување на економски реформи и успешни фискални политики изминативе две години на дело покажува дека е посветена на градење праведно општество со еднакви можности и силна економија која ќе отвора шанси за сите. Тоа е патот по кој чекори нашата земја, патот на праведност и фер шанса за сите.

Ова го истакна премиерот Зоран Заев во поздравното обраќање пред учесниците на состанокот на Холандско-белгиската конституенца на ММФ и Светска банка, чиј домаќин е Скопје.

Изразувајќи задоволство што состанок од овој формат се одржува во земјава по пауза од 15 години, тој истакна дека не беше лесно да се зачекори по овој пат, нагласувајќи дека земјата работеше на решавање на крупните политички прашања што денеска ни овозможија да имаме сигурно членство во НАТО и започнување преговори со ЕУ до крајот на годината и паралелно со тој процес се работело и на стабилизација на економијата преку спроведување издржани економски и фискални политики.

– Успеавме да ја ставиме економијата на една забрзана трака на раст кој во својата суштина и структура денеска претставува праведен реален економски раст на БДП. Од минус 1,8 отсто во 2017, растот на БДП во првиот квартал од 2019 изнесува 4,1 процент. Ова е одлична база за уште повисоки стапки на БДП кои ги очекуваме во наредните квартали – рече Заев.

Осврнувајќи се на политиките за намалување на нееднаквоста, истакна дека не секогаш се популарни овие политики поради што и честопати биле изложени на критика на јавноста, додавајќи со силна верба во тоа што го прават за доброто на граѓаните, рече дека само храбрите чекори и политики можат да ги донесат очекуваните резултати.

– Резултатите од сработеното се видливи и ние силно се гордееме со постигнатото. Ја спроведовме реформата за воведување праведен данок. Целта ни беше да постигнеме праведност во распределбата на доходот и националното богатство, тие пари повторно да се враќаат кај граѓаните преку директните социјални трансфери или преку подигнување на квалитетот на јавните услуги – нагласи премиерот Заев.

Тој додаде дека прибраните средства од праведниот данок денес се користат за исплата на повисока социјална помош за 300 проценти, проширено е правото на користење на образовен и детски додаток од постоечките 3.000 на над 7.000 деца. Фокусот на Владата, рече, е и инвестиции и силно вложување во човечкиот капитал, особено во децата и младите луѓе за нашата економија и држава да имаат долгорочни перспективи за развој.

Осврнувајќи се на релациите со Светска банка и ММФ, тој нагласи дека СБ е наш докажан партнер од 1993 година со која до денес е работено на 64 проекти во вредност од над две милијарди долари. Во моментов, СБ, посочи, учествува во финансирање на осум проекти во фаза на имплементација со вредност од 387,3 милиони евра, а договорена е и новата Програма за партнерство 2019-2023. Го поздрави и отворањето на канцеларија на ММФ во Виена која треба да помогне за поблиска соработка со дел од земјите-членки на Конституенцата, меѓу кои и со Северна Македонија.

Пред околу 70 министри за финансии, гувернери на централни банки, високи претставници на министерства за финансии и централни банки, како и од СБ и ММФ, се обратија и министерот за финансии Драган Тевдовски, гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска Бежоска, директорите во ММФ и СБ задолжени за Холандско-белгиската конституенца, Антони де Ланој и Кун Дависе, како и потпретседателот на Групацијата на СБ за Европа и Централна Азија, Сирил Милер.

– Сите земји-членки на Конституенцата ќе имаат повисок економски раст од регионалниот просек, а најголем напредок во реформите имаат постигнато Северна Македонија и Босна и Херцеговина – рече Милер во својата презентација на состанокот на Холандско-белгиската конституенца на ММФ и Светска банка.

На состанокот на Холандско-белгиската конституенца во Скопје главна тема е како до поправеден систем за сите. Меѓу  говорниците на форумот  е и угледниот професор на Универзитетот во Чикаго, Луиџи Зингалес, кој ќе биде главен говорник и учесник на една од панел дискусиите.

Во рамки на темата на состанокот како до поправеден систем за сите,  ќе стане збор за се поголемата нееднаквост во доходот, факторите кои влијаат врз овој тренд, последиците врз економскиот раст, а ќе се дискутира и за инструментите и политиките кои им стојат на располагање на носителите на политиките за справување со овие состојби.

Тридневниот состанок на Холандско-белгиската конституенца завршува утре со посета на Охрид.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...