ЕУ на мака да избере лидер, нов самит на 30 јуни

Освен за шеф на ЕК, лидерите на 30 јуни ќе треба да се договорат и за претседател на Европскиот совет, на Европскиот парламент, на Европската централна банка и за шеф на дипломатијата на ЕУ. Имињата треба да бидат договорени до 2 јули кога ќе заседава новиот состав на Европскиот парламент. 

327

Лидерите на Европската Унија не постигнаа договор вчера за номинациите на клучните позиции во следниот мандат на европските институции, а нов самит е предвиден за десетина дена.

Шефовите на држави и влади, сепак, успеаја да се договорат за оние кандидати кои отпаѓаат за претседател на Европската комисија: Манфред Вебер од Европската народна партија, Франс Тимерманс на Социјалдемократите и Маргарет Вестагер на Либералите.

Тројцата беа кандидати за шеф на Европската комисија на нивните партии на последните европски избори, но повеќе лидери на моќни европски земји се против процесот на таканаречени „Шпиценкандидати“, процес според кој кандидатот на победничката партија треба да биде назначен на чело на европската извршна власт. Шпанија и Франција од самиот почеток најавија дека нема да го прифатат овој процес и дека идниот претседател на ЕК треба да биде резултат на компромис меѓу земјите и партиите.

– Јасно стана од една страна во Европскиот парламент утрово, и тука попладнево, дека нема можно мнозинство за имињата кои начелно се разгледуваа – изјави синоќа по првата седница на Европскиот совет, францускиот претседател Емануел Макрон.

Шефовите на Либералите и Социјалдемократите во Европскиот парламент вчера ставија на знаење дека кандидатот на ЕПП Манфред Вебер е неприфатлив за нив, меѓу другото поради неговата блискост со контроверзни фигури како унгарскиот премиер, Виктор Орбан. Кандидатот за претседател на ЕК мора да биде одобрен од страна на Европскиот парламент и без гласовите на Либералите и на Социјалдемократите, кандидатурата на Вебер автоматски отпаѓа, како што призна синоќа и германската канцеларка Ангела Меркел, која стоеше зад Вебер.

Освен тоа, кандидатите треба да бидат прифатени од Советот, односно од земјите членки.

– За претседател на ЕК, трите имиња отпаѓаат, нема мнозинство во Советот, како што немаше мнозинство утрово за господинот Вебер – рече Макрон.

Тој додаде дека неговиот отпор кон германскиот кандидат на десницата се должи на фактот што тој не е доволно компетентен и искусен.

– Иднава недела треба да изнајдеме имиња кои имаат потребни квалификации, и искуство во нивниот професионален и политички живот. Целта е да имаме договор за цела екипа, на Доналд Туск е да предложи имиња, оваа екипа треба да биде олицетворение на новата ера на Европа – додаде на прес конференција францускиот претседател.

Ниту едно име вчеравечер не беше споменато официјално, но повеќе кружат низ кулоарите на институциите.

Едно од нив е хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, кој доаѓа од редовите на ЕПП, победникот на овие избори, а се споменува и белгискиот премиер, Шарл Мишел, од редовите на Либералите, како и Макрон, и негов близок пријател. Друго често споменувано име е Мишел Барние, главниот преговарач за Брегзит, и Французин од ЕПП кој ужива висок степен на доверба во ЕУ благодарение на начинот на кој ги водеше преговорите за Брегзит.

Освен за шеф на ЕК, лидерите на 30 јуни ќе треба да се договорат и за претседател на Европскиот совет, на Европскиот парламент, на Европската централна банка и за шеф на дипломатијата на ЕУ. Имињата треба да бидат договорени до 2 јули кога ќе заседава новиот состав на Европскиот парламент. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...