Американскиот претседател Доналд Трамп одобри напад врз Иран поради соборување на американското беспилотно летало, но по неколку часа тој се повлече и го откажа нападот, пишува „Њујорк тајмс”.
Трамп, како што наведува неименувано официјално лице запознато со ситуацијата, првично одобри неколку воздушни напади врз радарите и ракетните системи.
Било планирано воздушните напади да се спроведат рано утрово, со цел ризикот за населението да биде најнизок.
Официјалниот претставник за „Њујорк тајмс“ изјави дека авионите биле во воздух, а бродовите биле на позиции, кога пристигнала наредбата за повлекување од нападот.
Нападот на САД би бил одговор на соборувањето на набљудувачкиот дрон вреден 130 милиони долари.
„Њујорк тајмс“ додава дека засега не е јасно дали нападот врз Иран, на крајот, сепак ќе биде извршен.
Официјален Вашингтон им забрани на американските авиокомпании да прелетуваат преку воздушното пространство контролирано од Техеран над Персискиот Залив и Оманскиот Залив.
Таквите ограничувања се воведуваат поради „зајакнување на воените дејствија и зголемените политички тензии во регионот, што претставува опасност за американското цивилно воздухопловство“, наведува Федералната управа за цивилно воздухопловство на САД.
ФОТО: EPA / MICHAEL REYNOLDS