Во весела атмосфера, со многубројна детска публика, вчеравечер во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“ беше промовирана новата книга за деца „24 часа во Еднорозија“ од aвторката и новинарка Јасмина Кантарџиева Димков.
Во приказната од романот, кој е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина ‒ публикации“, присутните ги воведе уредничката Бисера Бендевска. Преку интерактивен осврт таа ги запозна децата со главните ликови и со волшебната земја Еднорозија.
Во „24 часа во Еднорозија“ малата извидничка Дева е изгубена во густата шума на планината Би. Во потрага по неа тргнуваат нејзината сестра-близначка Дина, момченцето Јан и кученцето Путерче. Случајно ја откриваат чудесната, таинствена земја Еднорозија во која живеат еднорози, самовили и волшебникот Моли. Многу одамна, злобниот принц Нолад фрлил страшна магија врз оваа прекрасна земја и оттогаш нејзините жители се заробени во неа. Додека групата извидници трага низ планината по нашите пријатели Дева, Дина, Јан и Путерче, тие, пак, се соочени со многубројни предизвици што треба да ги совладаат, три гатанки што треба да ги одгатнат и три книги што треба да ги пронајдат за да ги спасат жителите на Еднорозија. А, обидите за спас уште повеќе ги отежнуваат тројцата научници – господинот Шол, господинот Верг и господинот Адулбаз (нивните презимиња прочитај ги наназад за да откриеш какви се тие). Тројцата научници ја напаѓаат Еднорозија, верувајќи дека еднорозите го кријат лекот за бесмртноста.
Авторката Јасмина Кантарџиева Димков откри дека во книгата се вклучени повеќе легенди за еднорогот.
‒ Митолошкото животно со елегантен и нежен изглед, но истовремено силно и супериорно, еднорогот, во романот за деца „24 часа во Еднорозија“ е лик преку кој е претставена природата и преку кој ние го согледуваме нашиот актуелен однос кон природата. Според христијанската имагинација, еднорогот може да биде припитомен од девица, која е симбол на чистината. Легендата вели дека ако неговиот рог е отсранет, тој ќе умре. Во средновековната традиција пак, се верувало дека рогот имал способност да ги неутрализира отровите и да лекува. По патувањето на Марко Поло на Исток и отворање на вратите на Азија кон Запад, започнува жестокиот лов на еднорози, без оглед на тоа дали ова животно надарено со мистериозни сили, постоело или не, било важно да се оди на лов за слава и престиж. Подоцна, врската на еднорогот и човекот е раскината, односно еднорогот, преку уметноста, е претставен во близина на потоци и езерца, далеку од човечката рака која, низ историјата, не успеала да го припитоми, поради страста да го потчини. Различните легенди за еднорогот се „припитомени“ во овој роман за деца наметнувајќи го прашањето – како да ја вратиме оваа дамнешна љубов меѓу човекот и еднорогот, и колку сме си, всушност, потребни еден на друг. Во „24 часа во Еднорозија“ оваа мисија на повторно зближување станува возможна – вели Кантарџиева Димков.
Ј