Дигиталното работење на компaниите во нашата земја и од регионот во просек изнесува десет проценти од вкупното работење на компаниите и доколку не сакаме да се изгубиме со влезот во ЕУ ние мора да се дигитализираме, изјави на денешната прес-конференција претседателот на ИКТ комората Саша Огненовски.
– Минатата година ИКТ секторот во нашата земја учествувал со 7,8 проценти од вкупниот бруто домашен производ. Истражувањата во светски рамки покажуваат дека дигитализацијата на компаниите е корисен процес и компаниите што спровеле дигитална трансформација прикажуваат раст од 26 проценти – изјави Огненовски.
Тој нагласи дека вложувањето во дигитализација на компаниите подоцна им се враќа со повеќе од една четвртина раст на компанијата, и во профит и во самиот човечки потенцијал.
– ИКТ секторот секогаш сме биле пионери и сега се соочуваме со ситуација кога е извесно дека за брзо време ќе почнат преговорите за пристап во ЕУ. Ако ние компаниите ги дочекаме овие процеси неспремни и немаме соодветна дигитализација ние сме осудени на пропаст и тешки денови – истакна Огненовски.
Тој појасни дека тоа се должи на две работи. Прво колку нашите компании сакаат и можат да излезат на европскиот пазар, каде без дигитална поткрепа не може да се биде конкурентен и второ, тоа што денес го имаме заштитено со царина со влезот во ЕУ развиените европски компании ќе нѐ поклопат.
– Дигитализацијата е многу битен процес. Треба да се подигне свеста на компаниите и стопанствениците колку навистина може да им помогне дигитализацијата, а понатака веќе доаѓа финансискиот момент и колку компаниите може да истрпат внесување на дигитализација – истакна Огненовски.
Тој посочи дека кај нас сѐ уште има стопанственици кои не го разбираат поимот дигитализација и дека процесот на дигитализација не завршува со набавката на опрема.
– Дигитализација не значи да купите софтвер и дека тој ќе сработи сѐ понатака. Мора софтверот да го нахраните и да знаете како да го употребувате, а тоа е само еден од аспектите на дигитализацијата. Затоа се потребни високо-образовани кадри што ќе знаат како да го искористат моментот на дигитализација – посочи Огненовски.