Проектот кој беше ветен како еден од првите уште во предизборната програма на СДСМ, поврат на 15 отсто од ДДВ кај граѓаните ќе почне да се спроведува од 1 јули, најави денеска премиерот Зоран Заев кој додаде дека е исполнето уште едно ветување на враќање на парите кај граѓаните, мерка која ќе важи за сите подеднакво, а со која и граѓаните ќе помогнат во битката против сивата економија.
Сите граѓани постари од 15 години ќе имаат право на поврат на ДДВ на секоја фискална сметка до 500 евра, а парите кои ќе почнат да им се враќаат од декември годинава ќе бидат уплатени на трансакциска сметка.
– Оваа мерка ќе биде еднаква за сите, односно ќе има лимит за богатите. Секој ќе добие 27 денари на платена сметка од 1.000 денари.Тоа се 15 отсто од платен ДДВ од 18 отсто на фискална сметка. Проценките се дека даночната евазија е 30 отсто, сега ќе биде помала. Исплатата е дури во декември за да ги тргнеме сите недостатоци кои би се појавиле, иако верувам дека системот е многу добро поставен. Најдобро е секој да си има своја евиденција, но доколку некој не може да се снајде со сметките, може да му ги дава на роднина или друг близок и да побара помош од него. Важно е да не ѝ се остави простор на сивата економија, која прави огромни штети – рече премиерот Заев.
Првиот финансиер на државната каса Драган Тевдовски објасни дека граѓаните во рок од десет дена од добиената фискална сметка ќе треба да испратат скениран код од сметката преку апликација на УЈП , откако ќе се регистрираат во системот.
Исплатата на парите ќе се врши на секои три месеци, а првите пари ќе бидат вратени во декември, а потоа во февруари, март и во август. Проценките се дека на овој начин ќе бидат вратени кај граѓаните 50 милиони евра. На едно четиричлено семејство годишно се очекува да му бидат вратени околу 28.800 денари, пари за кои граѓаните нема да плаќаат персонален данок.
– Граѓаните чесно ќе си бараат фискална сметка, а државата исто така чесно ќе им врати 15 отсто ДДВ – рече премиерот Заев кој оцени дека станува збор за многу сериозен и добро разработен проект подготвен да стартува без проблеми.
Управата за јавни приходи на денешната прес-конференција во Владата, објасни како ќе работи новата апликација за поврат на ДДВ. Откако граѓаните ќе ја инсталираат аппликацијата, ќе треба да се регистрираат, а потоа да ги скенираат кодовите од фискалните сметки, со што самата апликација ќе ги регистрира.
Ако некој ви издаде нелегална сметка апликацијата ќе ја отфрли, со што граѓаните ќе знаат дека издавачот на сметката не дава легална фискална сметка.
– Од 1 јули фискалните сметки нема да бидат парче хартија. Апликацијата „Мој ДДВ“ скенира само валидни сметки со скенирање на бар-кодот, незаконските нема да ги препознае. Затоа веруваме дека граѓаните ќе станат партнери во борбата со сивата економија и ќе бидат инспектори на еден начин. Постарите ќе може да побараат да бидат регистрирани од нивните најблиски, од помладите роднини. Апликацијата е направена така што ќе има и извештај да може да се види колку пари ќе му бидат вратени на пример во декември при првата исплата – рече Сања Лукаревска, директорка на УЈП.