Првите праски од Росоман стигнаа во Русија

565

Откупот на праските во Росоманско, како регион кој е најголем производител на ова овошје, се одвива непречено. Повеќе камиони чекаа на откупните места да се откупи праска и да се замине на пазарите во Русија, Косово и Црна Гора. Цената е од 15 до 20 денари, во зависност од квалитетот. Претставници од МЗШВ, кои беа на лице место, соопштија дека првите камиони со праска без проблеми веќе стигнале на рускиот пазар.

-Квалитетната праска се движи од 15 до 20 денари. Ги известувам сите овоштари да почнат да берат и да ги носат на откупниот пункт. Ќе се откупат сите понудени количини, рече производителот Тони Јанев од селото Паликура.

Еден од откупувачите изјави дека е подготвен да го откупи целиот род, бидејќи имал потпишано договори за извоз во Русија, Косово и Црна Гора.

-Како откупувачи ни требаат праски. Род има годинава. Бидејќи вчера беше празник во Росоман, немаме и доволно стока за откуп. Во зависност од квалитетот на сите ќе им биде откупена праската. Се товараат камионите за Русија и Косово. Нашите купци не чекаат. Плаќањето на праските е веднаш. Секој ден ќе испраќаме по два-три шлепери, нагласи Беким Скендели.

Според Трајан Димкоски од МЗШВ, се надминуваат проблемите кои ги имаше на почеток.

– Можеме да кажеме дека 60 отсто од македонската праска оди на Рускиот пазар. Проблемите кои ги имавме се надминати. Се товари роба и оди за Русија. Првите камиони се стигнати и нема никакви проблеми. Многу трговици се плашеа дали ќе бидат вратени. ДИЗ е отворен за соработка. Постојано  имаме инспектори на терен. Робата не смее да чека. Фитосанитарната лабораторија дежура и сабота и неделеа за примање и издавање на анализи за да бидеме експедивни,  со цел производот да се извезе и да  нема застој. Цената се движи во зависност од квалитетот – рече Димкоски.

Градоначалникот на Росоман, Бранко Јанев рече дека дел од однесувањата на производителите на праски биле исполитизирани, но сега откупот непречено се одвива.

– Минатите денови имаше различни реакции со пласманот. Некои беа реални, некои исполитизирани. МЗШВ и Владата работат на решавање на овој проблем. Денеска целата стока што се понуди е купена. Ги повикуваме сите што имаат праски да го понудат својот производ. Има трговци кои се заинтересирани за откуп – нагласи Јанев.

МЗШВ спроведуваше едукација како квалитетно да се справат со болеста монилинија, но интересот кај овоштарите за едукација беше мал, рече директорот на Ддржавниот инспекторат за земјоделство, Благој Индов. – Забраната што ја симна Руската федерација поради болеста монилинија услови секој камион да има анализа од Државната фитосанитарна лабораторија. Нашите инспектори излегоа на терен и земаа мостри. Сите мостри засега се негативни и праските се извезуваат на рускиот пазар. Во наредниот период со затоплување и со врнежи од дожд може да се појави болеста, но секоја праска што ќе биде позитивна нема да оди во Русија, бидејќи државата гарантира здрав производ, нагласи Индов и кажа дека секој магацин, но и камион има обврска пред откуп да изврши дезинфекција на складишниот простор.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...