Aгенцијата „Фич” го зголеми кредитниот рејтинг на земјава од ББ на ББ+, со стабилен изглед. Ова е прво подобрување на кредитниот рејтинг на нашата земја по 13 години, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски на прес-конференција.
Во извештајот „Фич“ наведува дека подобрените стандарди на владеење ја поддржуваат имплементацијата на реформите и ја зголемуваат довербата дека земјата нема да се врати на политичката парализа меѓу 2014 и 2017.
Агенцијата нотира и дека ова влијаело за понатамошен напредок кон членство во НАТО и кон отворање на преговорите за членство со Европската Унија, што пак ја поддржува довербата на инвеститорите и делува како сидро за реформи и макроекономска стабилност. Исто така се коментира и извештајот на Европската комисија со препорака за почнување на преговори како одраз на напредокот на реформите во клучните полиња како владеење на правото, правосудство и јавна администрација.
Министерот за финансии Драган Тевдовски рее дека ваквиот рејтинг ќе влијае позитивно на сите инвеститори кои размислуваат за инвестирање во регионот.
-Подобрениот кредитен рејтинг позитивно влијае врз одлуките за инвестирање во една земја, што понатаму уште повеќе ќе влијае за повисок економски раст, повисок извоз, повисока вработеност и повисоки плати – со други зборови, подобар животен стандард за граѓаните. Подобрениот кредитен рејтинг исто така ги намалува и трошоците за долгот на државата, со што се постигнуваат заштеди во каматите – рече Тевдовски.
Советникот на министерот за финансии Рилинд Кабаши рече дека „Фич“ има слични проекции за економскиот раст и државниот долг со оние на Министерството за финансии.
– Се нотира дека преземените мерки како пензиската реформа, подоброто таргетирање на социјалната помош и прогресивното оданочување придонесуваат врз намалување на дефицитот. Позитивно се оценети преземените мерки за подобро управување со јавните финансии, особено повисоката буџетска транспарентност и воведувањето на фискално правило за општините -рече Кабаши.
Фич нотира дека рејтингот ББ+ е поддржан од историјатот на кохерентна макроекономска и финансиска политика, како основа на долготрајниот фиксен девизен курс, како и подобрите индикатори за владеењето и човечкиот развој отколку споредливата група на други слични земји. Понатаму, позитивната бизнис клима според извештајот на Светска банка за Doing Business е значително подобар од споредливата група на други слични земји, и поддржува динамични перформанси кај извозот и солиден прилив на странски директни инвестиции. Во извештајот исто така се коментираат и силниот раст на извозот, растот на платите, стабилните девизни резерви како и банкарскиот сектор, кој е релативно добро капитализиран, ликвиден и профитабилен.