Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, беше промовиран за член на Меѓународниот советодавен одбор на Економскиот факултет во Љубљана, на пригодна свеченост која се одржа по повод основањето на Алумни – клубот на Економскиот факултет од Љубљана во Македонија.
На свеченоста присуствуваше деканот на Економскиот факултет од Љубљана, проф. д-р Метка Текавчиќ, амбасадорот на Република Словенија во Република Македонија, проф. Милан Јазбец, претседателот на Алумни – клубот на Економскиот факултет од Љубљана, Јанез Шкрабец, како и десетици поранешни македонски студенти.
– Присутноста на Економскиот факултет од Љубљана во Скопје ја збогати палетата на високообразовни институции, приближувајќи ги најновите практики и трендови до македонските студенти, креирајќи уникатна можност да се стекнат со европски признато образование во својата земја. Веќе 11 генерации магистри од регионалниот центар во Скопје при Економскиот факултет од Љубљана успешно се интегрираа во многубројни познати компании, а голем дел од нив веќе се дел од раководните структури на истите – рече во своето обраќање Азаски.
Тој ја поздрави иницијативата за основање на Алумни – клубот кој на едно место ќе ги обедини сите поранешни студенти на едно место, каде тие би се вмрежиле, би разменувале искуства и идеи, креирајќи силна врска помеѓу Факултетот и бизнис секторот, од која корист би имале и стопанството и идните студенти.
Азески посочи дека Словенија во Република Македонија е присутна во повеќе важни сфери, правејќи ја еден од главните чинители кои поттикнуваат развој на македонското стопанство, особено потенцирајќи го преносот на знаење и вложувањето во образованието и науката, кои се едни од клучните алки на долг рок да се креира адекватен образовен профил, кој со своите знаења и вештини ќе знае да одговори на пазарните потреби и ќе биде во можност да креира дополнителна вредност.
Тој наведе дека само преку креирање на општество базирано на знаење ќе се придонесе за континуиран раст и развој – колку ќе вложиме, толку ќе ни се врати.
Втората деценија од традиционално добрите економски односи помеѓу Република Македонија и Република Словенија донесе интензивирање на соработката, а со тоа и поголема присутност на словенечките компании на македонскиот пазар и обратно, но сѐ уште постои простор на унапредување на таа соработка.
Азески ја изрази поддршката на понатамошната работа на Факултетот, и на идните заложби за зголемување на економската соработка помеѓу двете пријателски земји, за коишто активно ќе придонесува како член на Меѓународниот советодавен одбор на Економскиот факултет од Љубљана.
д-р Татјана Штерјова