Целерот и морковот набрани близу Железара со вкус на арсен

Арсенот како и другите тешки метали се ослободуваат во воздухот при произовдство во металната индустрија.

690

Целерот и морковот произведени во близина на некогашната Скопска железара содржат тешки метали. Тешки метали содржи и почвата на длабочина до 40 сантиметри, покажува испитувањето направено од еколошкото друштво Вила Зора од Велес. Ова Друштво вакво испитување претходно направи за почвата и растенијата во Тетово, Велес и Кавадарци.

Ненад Коциќ, претседател на Еколошкото друштво Вила Зора вели дека мострите на почвата и растенијата земени од скопскиот регион се испитувале на олово, кадмиум и арсен. Од почвата се земени мостри на длабочина од 0 до 20 сантиметри и од 20 до 40 сантиметри.

– Анализите покажаа дека присуството на олово и кадмиум во почвата и растенијата е во дозволените количини, но присуството на арсенот во почвата е 1,5 пати над максимално дозволените граници. Интересно е што во морковот присуството на арсенот е во дозволени граници, но кај целерот состојбата е различна. Имено во листот на целерот е утврдено присуство на арсен повисоко за 16 пати од дозволеното. Тоа покажува дека листот е дополнително загаден од воздухот, што укажува дека имаме активен загадувач – појаснува Коциќ.

Според него, арсенот како и другите тешки метали се ослободуваат во воздухот при производство во металната индустрија.

– Не би сакал да посочувам кој би бил загадувач, бидејќи треба да се направат дополнителни испитувања и контроли на индустриските капацитети од соодветните институции и органи. Ние само апелираме да се преземат итни мерки за спречување на дополнителното загадување на почвата и растенијата и да се преземат мерки за деконтаминација на почвата – вели тој.

Еколошкото друштво Вила Зора предлага да се изврши деконтаминација на почвата во која ќе бидат вклучени земјоделците сопственици на површините и институциите.

– Деконтаминацијата на почвата наједноставно се врши со засадување на растенија кои го апсорбираат загадувачот. Во овој случај ќе треба да се утврди кое растение најдобро го апсорбира арсенот за да бидеме успешни во чистењето на почвата. Тука треба да се вклучат не само земјоделците кои ќе треба да пројават желба да се откажат од вообичаеното производство најмалку три години, но и институциите кои ќе треба да субвенционираат или да ги помогнат земјоделците и да ги покријат нивните евентуални загуби – вели Коциќ.

Првите искуства за детоксикација на почвата ќе ги дадат површините кои се засадени со маслодајна репка во Велешко каде што е направено првото испитување на почвата за загадување од матали.

– Како Друштво ние засадивме одредена површина. Растението по завршување на вегетацијата ќе се собере и ќе се уништи на посебен начин, оти овие растенија не можат да се консумираат ниту од животните, ниту пак од луѓето. Работиме со земјоделците и очекуваме што поголем број од нив да се приклучат на проектот за детоксикација на почвата – вели Коциќ.

Тој појаснува дека за прочистување на почвата се потребни најмалку три години да се одгледува растението кое ги апсорбира металите.

Испитувањето во Полошкиот регион покажало присуство на арсен во почвата. Во Кавадаречко, пак, е утврдено зголемено присуство на железо во почвата и растенијата. Овие испитувања треба да им послужат на институциите како поттик за активност и во другите региони.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...