Со 737 милиони долари прилив од странски директни инвестиции лани земајава е трета во регионот, покажува „Извештајот за инвестициите во светот 2019″, објавен од страна на Конференцијата на ОН за трговија и развој. Извештајот дава целосна слика на тоа колку слободните економски зони кои се формираат за привлекување странски инвестиции и субвенциите што ги даваат земјите придонеле во развојот на економиите и подобрување на извозот како и иднината на овие зони.
Највисок прилив на странски директни инвестиции во регионот лани имала Србија со 4,12 милијарди долари и Албанија која имала прилив од 1,29 милијарди долари од странски директни инвестиции.
Споредбата со 2017 година кога во земјава е остварен прилив од 205 милиони евра, пак, ја става на прво место во регионот бидејќи е забележан раст од 260 отсто.
Инвестициите во Србија пак пораснале за 44 отсто. Црна Гора забележа пад од 12 отсто на 490 милиони долари, додека во Босна и Херцеговина евидентиран е раст од четири отсто на 468 милиони долари, а во Албанија тие се зголемиле на 1,3 милијарди долари, односно за 13 отсто.
Странските директни инвестиции лани во регионот на Западен Балкан бележат зголемување за 33 отсто и изнесуваат 7,4 милијарди долари.
Од земјите членки на ЕУ во регионот, најголем пораст е забележан во Словенија, 81 отсто, односно на 1.4 милијарди долари, додека во Хрватска се намалил за 43 отсто, односно на 1,2 милијарди долари, додека во Бугарија е забележан пад на две милијарди долари, или 21 отсто.
На светско ниво странските директни инвестиции се намалиле за 13 отсто на 1.300 милијарди долари.
Во светот, според Извештајот, моментално има околу 5.400 слободни економски зони, од кои повеќе од 1.000 се основани во последните пет години. Според податоците од Извештајот уште најмалку 500 зони (приближно 10 отсто од сегашниот број) се очекува да се отворат во наредните години.
За земјава се наведува бројка од 15 слободни економски зони. Од регионот Србија има 14, а Косово 9 економски зони.
Екпертите, врз основа на изработена анкета, констатираат дека во глобални рамки слободните зони функционираат како привилегирани енклави со широко распространети бенифиции кои ги определуваат државите. Нивото влијание врз економиите е различно каков што е и нивниот развој и правна поставеност.
Се препорачува воедначување на процедурите и да се забрза транзицијата кон зони ориентирани кон одржливо развој што е цел на Обединетите нации до 2030 година. Новите зони ќе треба да бидат формирани по највисоки меѓународни стандарди кои покрај другото опфаќаат производство на нула отпад и целосна заштита на животната средина.