Тевдовски со 7 ефекти врз економијата ги правдаше даночните реформи

159

Позитивните очекувања за праведното оданочување се реализираат, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски на прес-конференција. Tој посочи седум факти за тоа дека оваа реформа придонела за подобрување на економијата. Дополнително, рече тој, се поддржани и социјалната реформа – односно обезбедување на фер општество и праведен раст за сите.

– Од неделава започна исплатата на зголемената социјална помош согласно правата предвидени со новата социјална реформа. Над 25.000 домаќинства добија гарантиран минимален приход, којшто е значително повисок за поголемиот дел од нив – рече министерот за финансии.

Според него, праведното оданочување придонело за зголемување на вработеноста и намалување на невработеноста.

– Иако пред воведувањето на праведниот данок во јавноста беше изразена загриженост дека праведното оданочување ќе ја намали вработеноста, се случи сосема спротивното, односно само за едно тримесечје бројот на вработени е зголемен за 17.000 лица – рече Тевдовски.

Посебно е значајно. смета тој, што во делот на вработувањето по воведување на прогресивното оданочување има раст на вработеноста кај младите за 6.000 лица во првиот квартал од годинава.

– Раст има и кај просечната нето-плата во првите три месеци од 2019 година во споредба со првото тримесечје од 2018 година и тоа за 3,4%, што е повисоко ниво во однос на седумгодишниот просек – рече Тевдовски.

Тој додаде дека во континуитет има зголемување на просечната плата.

– Зголемена е и просечната плата на програмерите во првото тримесечје од 2019 година за 5,5%. Бројот на вработени во дејноста Информации и комуникации, исто така е зголемен за 1.500 лица во споредба со последното тримесечје на 2018 година или за 5.000 во однос на истиот период лани. Кога дебатиравме за воведување на праведното оданочување имаше стравувања токму од овој сектор дека ќе има намалување на платите и на бројот на вработени, бидејќи овој сектор беше најблиску до границата за прогресивната даночна стапка – рече Тевдовски.

Тој посочи дека од почeтокот на годината имаме добра наплата на данокот на личен доход или за 17,4% повеќе во споредба со истиот период минатата година.

– Ова е спротивно на одредени тврдења пред воведување на праведното оданочување, дека ќе ја зголеми даночната евазија. Имаме навистина солидни остварувања и во реалниот сектор од почетокот на годинава. Индустриското производство во периодот јануари-април 2019 е повисоко за 7,9% во споредба со истиот период минатата година. Извозот на стоки и услуги во периодот јануари-априлб 2019 е повисок за 15% во споредба со истиот период минатата година. Инаку просечната стапка на раст на извозот во последните 7 години изнесува 9,2%. Ова е спротивно на некои мислења кои претходно постоеа во јавноста дека прогресивното оданочување ќе му наштети на бизнисот- вели Тевдовски.

Министерот за финансии посочи дека целосниот економски резултат, односно растот на БДП во првото тримесечје изнесува 4,1% и претставува навистина добро остварување. Што е спротивно на тврдењата дека праведното оданочување ќе го блокира економскиот раст.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...