Вкупно 450 невработени лица се вклучија на пазарот на трудот преку мерката Вработување и раст на правни субјекти што е дел од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2019 година- Шанса за сите. Повеќе од 50 проценти од вработените лица, односно 286 се млади до 29 години.
Како што соопшти денеска Агенцијата за вработување, за реализација на овие вработувања досега се исплатени 59.060.500 ден од потсметката на Агенцијата за вработување наменета за активни програми и мерки.
Мерката Вработување и раст на правни субјенти поддржува креирање нови работни места во микро, мали и средни претпријатија, социјални претпријатија и граѓански организации. Преку оваа мерка годинава е планирано да бидат вработени 497 невработени лица евидентирани во АВРСМ, а предност им се дава на младите лица до 29 години и корисниците на гарантиранa минимална помош. Вкупниот буџет за реализација на оваа мерка изнесува 76.279.000 денари.
Висината на грантот за вработување на едно лице на возраст над 29 години изнесува 92.000 денари, за лица до 29 години возраст висината на грантот за вработено едно лице изнесува 153.750 денари, а за лица корисници на гарантирана минимална помош висината на грантот за вработено едно лице изнесува 200.000 денари. Во еден правен субјект поддржано е вработување од најмногу пет лица.