Започна рокот за поднесување на барања за директни плаќања за произведено и предадено овчо, козјо и кравјо млеко во период од октомври до декември 2017 година и ќе трае до 16 мај 2018 година, информираат од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Како што се наведува во соопштението од Агенцијата, висината на поддршката изнесува четири денари по литар за овчо и козјо млеко и 3,5 денари по литар за кравјо млеко. Барањата се поднесуваат по електронски пат во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство каде што е регистрирано земјоделското стопанство.
Исто така, на 16 мај 2018 година завршува рокот за поднесување барања за директни плаќања за несилки внесени во капацитет за производство на јајца во период од октомври до декември 2017 година.
Висината на поддршката изнесува 100 денари за купена и внесена несилка во одгледувалиште на кокошки несилки за производство на јајца. Барањата се поднесуваат во писарницата на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, лично или пошта.
Образецот за поднесување на барањата како и потребната документација може да се подигне во Агенцијата или да се превземе од веб страницата: www.ipardpa.gov.mk, во полето „Директни плаќања 2018“, „Обрасци“.