ССМ: Не е ниска продуктивноста, туку се алчни работодавачите

Освен зголемување на минималната плата, според Димовски, потребно е итно да се направи и скалесто зголемување на платите на сите позиции.

159

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Дарко Димовски денеска реагираше на изјавите од Советот на странски инвеститори и Стопанската комора дека прво треба да се зголеми продуктивноста, а потоа и платите на работниците.

Во реакцијата, Димовски посочува дека платите на работниците се ниски и не се одраз на лошото работење на компаниите и ниската продуктивност, туку се одраз на алчноста и жедта на работодавачите за остварување на поголеми лични профити.

„Со години наназад укажуваме дека за висината на платите треба да се разговара и договара со работниците, треба да се потпишуваат колективни договори во кои ќе се регулираат условите за работа и ќе се утврди цената на трудот. Меѓутоа работодавачите останаа глуви. Не им одговараше договор со работниците. Постојано бараат помош од државата. (Подобра бизнис клима: евтина работна сила, пониски даноци, пониски придонеси, евтини кредити, обучена работна сила, субвенционирани плати)“, се вели во реакцијата.

Димовски смета дека во услови кога трошоците за храна во синдикалната минимална кошница изнесуваат 13.909 денари, постои реална потреба од зголемување на минималната плата барем до висина за покривање на тие трошоци.

Освен зголемување на минималната плата, според Димовски, потребно е итно да се направи и скалесто зголемување на платите на сите позиции.

– Истите тие работодавачи кои постојано бараат помош и субвенции од државата не им дозволуваат на работниците синдикално да се здружат. Затоа им препорачувам на работодавачите да не се плашат и да дозволат синдикално организирање на нивните вработени, за да отпочнеме дијалог и уредување на правата, но и обврските на работниците и работодавачите согласно можностите, во поединечните колективни договори – вели Димовски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...