Милчин за наградата на фестивалот „Војдан Чернодрински“: Наградата не значи точка, туку две точки

Лауреатите, добитници на наградата за животно дело, режисерот Владимир Милчин и актерот Бајруш Мјаку порачаа дека наградите, многу драги, не ја прекинуваат театарската уметност.

995

Со доделување на наградите за животно дело и со првата претстава во конкуренцијата, „Макбет“ на МНТ од Скопје, синоќа во Центарот за култура „Марко Цепенков“ беше отворен 54. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ кој годинава се одржува под мотото „Ова е наше време, време е за театар“.

Фестивалот го поздрави прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, а за отворен го прогласи заменик-министерот за култура Владимир Лазовски.

– Време е да се да си дозволиме уживање со естетиката на говорот, на актерската игра, костимографијата, на сценографијата, сето предводено од режисерската палка. Во храмот на Талија ќе уживаме 8 вечери, ќе ги впиваме храбрите пораки на драматурзите, на сценаристите, изговорени од извонредните актери, мајсторите назанаетот. Сето истовремено е рефлексија на случувањата во општеството. Од ова место извираат безвременски пораки, мудрости, вредности, вткаени во ризницата на нашето богато културно творештво, негувајќи го нашиот културен идентитет. Прилеп ја продолжува традицијата да биде расадник на реномирани театарски имиња, да создава публика со истенчен театарски вкус, давајќи свој придонес во одржувањето на високо поставените критериуми на театарската уметност и на културните вредности – рече Јованоски.

За заменик-министерот, Прилеп по 54-ти пат е нашата најголема театарска арена.

– Овде, во Прилеп, врвните македонски уметници ги испраќаат своите пораки кои со илјадници години покажуваат дека се едни од најсилните корективи на актуелните општествени случувања. Во, само за Прилеп, автентичната фестивалска атмосфера, професионалните продукции ги претставуваат своите најнови претстави. Се натпреваруваат пред стручното жири и критиката, но и пред публиката, најврвното жири кое со истанчан вкус, но и со најискрена љубов е спрема театарџиите. На сите колеги уметници им посакувам креативен натпревар кој ќе донесе нов триумф на театарската уметност во земјава – порача Лазовски.

Лауреатите, добитници на наградата за животно дело, режисерот Владимир Милчин и актерот Бајруш Мјаку порачаа дека наградите, многу драги, не ја прекинуваат театарската уметност.

– Наградите се секогаш пријатно изненадување, доколку не ги сфатиме како нешто што треба да нѐ промени. Ниедна награда во животот не ме променила. Едно знам: дури и да не беше наградата, јас ќе продолжам да правам претстави, зашто тоа е посилно од сѐ. Наградата е убава работа, ама не значи точка, туку е две точки и потоа следува уште нешто. Театарот е живот и не завршува со наградите – рече Милчин.

– Секоја награда си има своја тежина. Кога говориме за оваа награда, награда за животно дело, има една посебна тежина, зашто доаѓа од колегите, од театарските луѓе и од Фестивал кој има долг век на траење. Оваа награда ми е драга од речиси другите кои сум ги добивал – изјави актерот Мјаку.

Музичкиот виртуоз Влатко Стефановски кој пред претставата „Макбет“ приреди воодушевувачки концерт со театарска и филмска музика смета дека театарот и музиката се тесно пшоврзани уметности и секогаш е задоволство да се создава музика за театар и за душа.

-Голем дел од мојата музика или настанала како театарска или била користена за разни театарски облици. Вечерва свирам една нумера која неодамна ја направив за една театарска претстава за МНТ и значи, со големо задоволство настапувам во Прилеп на отворањето на Фестивалот. Јас не правам разлика дали музиката ми е нарачана или сум ја компонирал затоа што така ми дошло, најбитно е песната да е добра, без разлика дали е нарачана или самата се појавила. Живеење во музичко-треатарско семејство, би рекле, дава насоки што да прави човек понатаму. Јас бев опкружен со театарџии, не го продолжив тој пат, но одвреме-навреме наминувам во театар. И да свирам и да компонирам музика за театарска претстава. Така што, инспирира да си опкружен со луѓе кои се занимаваат со уметност – рече Стефановски.

Прилепската публика која има „стаж од 54 години за следење театарски претстави, годинава првпат ќе има можност да гласа и да додели награда за најдобра, според нејзина оцена, претстава. Првите разговори на критиката, пак, за претставата „Макбет“ од Вилијам Шекспир во режија на Нела Витошевиќ се одржуваат денеска од 11 часот. Вечер на програмата на Фестивалот од 19.30 часот е втората претстава „Бакхи-краток преглед на распадот“ според Еврипид, во режија на Игор Вук Торбица, во изведба на Народниот театар Битола.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...