Од партиското седиште, лидерот на опозициската Демократска партија Љуљзим Баша, вечерва уште еднаш побара заминувањето на премиерот Еди Рама и „ослободување од најлошото зло што ја зафатило земјата“.
Тој уште порача дека „очите на целиот свет денеска се насочени од Албанија за да се види како ќе се реши кризата“.
Албанците, како што рече, немаат друг избор освен да го искоренат криминалниот модел што Рама го инсталирал во Албанија.
– Дури и по неговото заминување, на Албанија ќе и бидат потребни многу напори за искоренување на криминалниот модел што тој го инсталира во Албанија и за лекување на раните од корупцијата. Очите на светот се вперени кон нас за да се види како ние како земја, како обединета нација околу вредностите, ќе ја решиме оваа криза. Чистењето на нашиот политички систем и еднаш засекогаш отстранување на криминалното водство на владата е надеж и најсигурен начин за Албанија која им припаѓа на сите свои граѓани – рече Баша.
Тој апелираше на што поголема масовност на утрешниот протест, со цел „убавините на нашата прекрасна земја ги уживаме сите а не само грст криминалци“.
– Го повикувам секој граѓанин кој посакува ослободување на Албанија од криминалот и дрогата. Колку побрзо замине Еди Рама толку подобро за иднината на земјата – порача Баша.
Осмиот „национален протест“ на обединетата албанска опозиција закажан е за утре во 19 часот пред Владата во Тирана.