Растот на БДП во првиот квартал од годинава што денеска го објави Државниот завод за статистика, според вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, се темели на реалните состојби во економската сфера.
– Очекувам раст на БДП, очекувам и натамошен пад на невработеноста. Тоа го засновам врз основа на реалните бројки што ги гледам во економијата, а тоа е зголемување на извозот, раст на инвестициите, намалување на невработеноста… – компоненти што во една логичка целина, како што е економијата се поврзани едно со друго и укажуваат дека ние создаваме економски раст така како што го најавивме за годинава, но врз основа на реална економија, а не врз основа на виртуелни ПР проекции – изјави Анѓушев одговарајќи на новинарски прашања пред Државниот завод за статистика да ги објави податоците за раст на БДП од 4,1 отсто.
Само таквата економија, вели, е одржлива на долг рок.
– Јас како човек што доаѓа од реалната економија ќе се залагам за економија на добри основи и одржлива на долг рок затоа што сите ние сме менливи и минливи на нашите функции, а само економија на здрави основи е нешто што и треба на нашата држава – рече вицепремиерот Анѓушев.
Државниот завод за статистика денеска објави дека растот на БДП во првиот квартал годинава е 4,1 отсто, што претходно го најави премиерот Зоран Заев.
Според податоците во првото тримесечје годинава, најголем пораст е забележан во земјоделството, шумарство и рибарство од 13,6 отсто, градежништво од седум отсто и трговијата на големо и трговијата на мало, поправка на моторни возила и мотоцикли, транспорт и складирање, Објекти за сместување и сервисни дејности со храна од 6,6 отсто.
Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги непрофитните институции што им служат на домаќинствата, во првото тримесечје од 2019 година номинално растеле за 3,9 отсто, а нејзиното учество во структурата на бруто-домашниот производ изнесува 63,5 отсто.
Во истиот период, извозот на стоки и на услуги номинално се зголеми за 14,9 отсто, покажуват податоците, а увозот на стоки и на услуги забележа зголемување во номинален износ од 12,6 отсто.
Според Заводот, намалена е стапката на невработеност на 17,8 отсто во првиот квартал од годинава. Во однос на четвртиот квартал лани стапката на невработеност е намалена за 1,6 отсто, а во однос на првиот квартал лани 3,8 отсто.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во првото тримесечје од 2019 година, активното население во Македонија изнесува 960.743 лица, од кои вработени се 789.414, а 171.329 лица се невработени.
Стапката на активност во овој период е 57,1 отсто, а стапката на вработеност 46,9 отсто.