Почнува трката за изградба на фотоволтаици, еве колку ќе чини приклучок во мрежата

Неколку недели подоцна ќе биде објавен и тендерот за изградба на фотоволтаици на приватни површини, информира денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

1345

Првиот тендер за доделување државни локации за изградба на фотоволтаици ќе биде објавен во понеделник. Неколку недели подоцна ќе биде објавен и тендерот за изградба на фотоволтаици на приватни површини, информира денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

На тендерот ќе се даваат површини на две локации. Едната е во Македонски Брод каде што ќе биде обезбедено производство од 10 мегавати, а другата е во Свети Николе каде што ќе се овозможат 25 мегавати. Или вкупно 35 мегавати фотоволтаични електрани.

Државата, како што информира Анѓушев, веќе ги обезбедила сите потребни административни постапки за изградба на фотоволтаиците и урбанизацијата на земјиштето. Парцелите се направени така да има за поголеми и помали сончеви централи, зависно од интересот на инвеститорите.

– Критериумите не се многу тешки, а ќе има негативно наддавање. Инвеститорот кој ќе даде најниска цена, односно најнизок премиум ќе може да гради фотоволтаици. Премиумот очекувам да биде што помал за да нема државата дополнителни трошоци во овој процес. Најдобро е да нема премиум. Инвеститорите кои ќе ги добијат локациите ќе треба да подготват елаборат и основен проект за да добијат градежна дозвола која треба да ја добијат на нивно име – рече Анѓушев.

Понатаму ќе бидат обезбедени државни земјишта за да се исполни планот од 200 мегавати во фотоволтаици.

Анѓушев информира дека за неколку недели ќе биде објавен и втор тендер за фотоволтаици на приватни површини, но како што рече, за овие површини ќе треба сите дозволи и уредувањето на површините да ги обезбедат самите инвеститори.

– Со ЕВН веќе е договорена цената на приклучок на мрежа кој ќе се движи меѓу 20.000 и 30.000 евра. Ќе биде номиниран и оф тејкер, откупувач на слободна енергија што им дава сигурност на идните инвеститори во фотоволтаици – рече Анѓушев.

Анка Јоанеску од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) рече дека сѐ е подготвено за објавување на тендерот, а земјава ќе биде прва во која најтранспарентно ќе се одвива процесот.

– Приватните инвестиори ќе можат да влезат во обновливите извори на енергија. Ова ќе биде транспарентен процес и ги повикувам сите заинтересирани да конкурираат на овој тендер – рече Јоанеску.

Тендерот ќе трае 60 дена, а отворањето на понудите ќе биде јавно.

Интересот за фотоволтаиците е голем, оти како што рече вицепремиерот Анѓушев, во нив не е инвестирано долго време.

Владата планира инвестиции од 200 мегавати во обновливи извори за енергија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...