Македонски студенти на танц фестивалот „Share“ во Братислава

91

Студентите на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“, со програма во продукција на Скопје танцовиот театар, од 6 до 9 јуни ќе учествуваат на интернационалниот фестивал „Share“ во Братислава, Словачка.

Фестивалот е платформа на девет европски танцови академии и универзитети, и тоа „Антон Брукнер“ универзитетот од Линц и „Универзитетот за музика и уметност на Градот Виена“ од Австрија; „Академијата за култура“ од Латвија; „Академијата за музика и театар“ од Литванија; Национална академија за театарска уметност во Краков – Танцов оддел во Битом, Полска, Конзерваториумскиот центар „Данкан“ од Прага, Чешка; Академија за современ танц од Будимпешта, Унгарија, Академијата за изведувачки уметности од Братислава, Словачка и Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, Македонија.

Огромен број млади уметници, студенти и професори деновиве ќе ги споделат своите искуства во Братислава, ќе има работилници, како и вечерна програма на секоја од овие девет академии. Студентите на УГД ќе настапат на осми јуни во 20 часот, со програмата „treshOut“ во кореографија на Анастасија Данчевска и Дејан Битровски, како и кореографијата „Фенси сме“ на Рисима Рисимкин, на музика на Тони Китановски, костими на Благој Мицевски. Настапуваат: Тереза Лазарев, Исидора Краљевска, Борис Богдановски, Тања Крстевска и Фросина Шуман. Во рамките на фестивалот кореографката Адријана Данчевска ќе одржи работилница, а Рисима Рисимкин ќе учествува на панел дискусиите со претставници на другите осум универзитети и ќе ја претстави програмата на Катедрата за современ танц при УГД.

Фестивалот „Share“ за прв пат се одржа во 2017 година во Братислава, Словачка со цел да се постави платформа за соработка на млади современи танчери. Во Братислава фестивалот се одржува секоја втора година, а во меѓувреме патува низ земјите учеснички. Минатата година фестивалот се оддржа во рамки на „Танц Фест“ во Скопје и Штип, на него присуствуваа преку сто млади уметници и професори.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...