„Не ја сфаќам уметноста како занает, туку како начин на живеење“, објаснуваше Љубиша Ивановски Лепи, додека сликаше во живо за време на својата неодамнешна изложба во галеријата „Колектив“ на скопскиот плоштад. Изложбата имаше интересен концепт.
Почна на 30 мај напладне, а Лепи во текот на изложбата сликаше во живо. Во рамките на настанот настапи и бендот „Пеперминт“, а официјалното затворање на изложбата се случи во 20 и 30 часот, кога уметникот ја заврши и ја потпиша сликата.
Ова е прва негова самостојна изложба после подолг период, а на прашањето зошто го одбра токму овој концепт и овој простор, Лепи рече:
„Концептот ме одбра мене. Сѐ се случи спонтано, а средбата со овие прекрасни млади луѓе кои целосно се посветија на ова, со голем ентузијазам, беше пресудна.
Сум имал многу самостојни и уште повеќе групни изложби, но тоа бара многу време, посветеност и средства. А згора на сѐ, нашата публика не е многу заинтересирана за артефактите, па на ваквите изложби сѐ се сведува повеќе на дружење, на фотографирање, во последно време, нели, на правење селфи, а артефактите си стојат на ѕидовите само како декор. Треба да ги анимираш присутните уште од влезната врата, затоа се договоривме со оваа добра екипа тука дека ќе правиме свечено затварање на ивентот, кога ќе ја завршам и кога ќе ја потпишам сликата.
Инаку, сликањето во живо ми е пасија, па сум го правел тоа многу пати досега, и во рамките на Баскерфест, откако го почна Пане Темов а соработуваме и до ден денеска токму на тој начин – сликам во живо за време на настаните.
Сакам да сликам во живо бидејќи не сакам луѓето да го консумираат сликарството како нешто мртво што треба да биде само декор на некој ѕид, туку ако може попатно и да учествуваат на некој начин, ако ништо друго со своето присуство, зашто мене тоа дополнително ме инспирира и станувам уште покреативен. Едноставно, јас сакам луѓе, сакам да се дружам и да бидам опкружен со луѓе и ако некој ми ги земе луѓето, јас сум мртов човек.
Во претходното творештво бев препознатлив по тоа што сликав кловнови. Тогаш се носев со фулозофијата дека кловнот како егземплар никој не го прашува што носи во душата и како се чувствува, тој едноставно мора да биде кловн и забавувач, а јас голем дел од својот живот го потрошив како таков човек. Не се грижев за себе, туку сакав сите во опкружувањето да бидат весели, радосни и оттука беа и кловновите во моите слики.
Сега ме преокуира ова што беше изложено на оваа изложба во „Колектив“ која ја нареков „Living in the box“.
Всушност, изложбата е само дел од еден поголем проект бидејќи во меѓувреме напишав и книга, а речиси е готово и сценариото за телевизиски филм. Сакав во исто време со изложбата да ја издадам и книгата, но кај нас тие работи потешко одат. Па ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Инаку, книгата е автобиографски роман, и многу луѓе ќе се препознаат. Сѐ се сведува на секојдневното живеење на еден егземплар кој го троши денот од ателје до работа и назад, а во меѓувреме „го пресретнуваат“ неколку стотици настани и кафеани. Следниот ден пак му се радува на сонцето што изгреало, дејствието се повторува, но на крајот и тој и сите други околу него, се враќаат во таа своја кутија, што е и тема на изложбава.
А зошто токму оваа тема, зошто токму Living in the box? Па затоа што јас така го разбирам животот, сите ние живееме во некои кутии, дали индивидуални или групни, сеедно“, објаснува Лепи.
Инаку, сите слики на оваа изложба не се постари од 5-6 месеци, а за инспирацијата во своето творештво, тој вели: „Секако, има периоди кога не твориш, кога имаш блокада во главата, но секогаш се наоѓа некој во опкружувањето кого ќе го употребиш како муза и инспирација, па така и јас ја имам својата и главно, оваа изложба беше нејзина иницијатива“.
Љубиша Ивановски Лепи во 80-тите почнал да работи во МРТВ, потоа бил во екипата која работела од основањето во А1, па работел како режисер и монтажер на К-15 продукција, па извесен период во Телма, за подоцна да се врати во А1 и оттаму, уморен од сѐ, да крене раце и да почне да се знаимава со земјоделие и со производство на ракија и вино, во Кавадарци. Сепак, тоа не траело долго од едноставна причина што, како што вели, „не можеш на млекар млеко да му продаваш“. Потоа се вработил во Македонската опера и балет и таму е веќе 10 години.
„Во МОБ работам применета уметност, сите предмети, мечеви, топови и други реквизити кои се користат во претставите, ги изработувам јас. Имав среќа да имам добар учител, му го украдов занаетот, па откако тој се пензионираше, јас го наследив и веќе 10 години сум вработен тука и се надевам дека ќе останам до пензија…ако не ме избркаат претходно“, се смее Лепи.
Фото: PS visualart