Фридом Хаус: Сериозен пад на слобода на медиумите откако е Вучиќ на власт

177

Слободата на медиумите во Србија алармантно назадува, се повеќе има притисоци врз новинарите и медиумите кои сакаат објективно да информираат, преку заплашување и преку финансиски притисок. Ова е резимето на сеопфатниот извештај на „Слобода и медиумите 2019″, кој го објави меѓународната независна набљудувачка организација Фридом хаус.

Кога Фридом Хаус на почетокот на годината го објави Извештајот за слобода во светот, Србија за првпат по деценија и пол излезе од категоријата „слободни држави” и премина во категоријата „делумно слободни”, а големиот придонес кон овој пад имаше ситуацијата во медиумите.

Главната авторка на извештајот за слобода на медиумите во Фридом Хаус, Сара Репучи, изјави за Гласот на Америка дека „ситуацијата во Србија не е најлоша досега, но постои забележителен пад на слобода на медиумите откако Александар Вучиќ е на власт и дека навистина постои сериозна причина за загриженост”.

Во денешниот извештај на Фридом хаус владеењето на српскиот претседател Александар Вучиќ се споредува со владеењето на унгарскиот премиер Виктор Орбан, со оценка дека „и двајцата го гушат независносто и критичкото новинарство,следејќи ги популистичките методи. И двајцата лидери ја консолидираа сопственоста над медиумите во рацете на блиски соработници, со што овозможија медиумите со највисок рејтинг да ја поддржуваат владата и да ги оцрнуваат своите противници .

Со поддршка на „пријателските медиуми” и паралелно со тоа, со ширењето на дезинформации, создадена е нова алатка за успешна медиумска контрола, се вели во извештајот на ФХ.

Исто така се вели дека во последниве години се појавија нови алатки и методи преку кои нелибералните лидери целосно ја преземаа контролата врз медиумите.

– Овие методи се многу посуптилни од апсењата или насилствата што ги гледаме во традиционалните диктатури. Меѓународните актери, кои би сакале Србија да биде во согласност со некои стандарди, не можат да го вперат прстот во конкретни тактики кои влијаат на тоа граѓаните да не можат да бидат објективно информирани. Овој метод е поопасен, бидејќи е многу лукав и прикриен – кажа Репучи.

За да илустрира како се доаѓа до контрола, Фридом Хаус наведува неколку примери за продажба на медиуми во рацете на луѓе блиски до владејачката Српска напредна партија (СНС).

– На крајот од 2018 година, брат на висок официјален претставник на СНС купи два телевизиски канали со национална фреквенција. Тој, исто така, е сопственик на три интернет портали, радиостаници и девет кабелски програми – се наведува во извештајот на ФХ во врска со минатогодишната продажба на телевизијата О2 (Б92) и Прва телевизија, купени од Срѓан Миловановиќ, брат на Звездан Миловановиќ, лидер на СНС во Ниш.

Исто како пример се наведени „континуираните даночни инспекции”, што е „сосема легитимна тактика, а кој може да им наштети на медиумите кои поминуваат низ овие истраги од година во година.

Во извештајот, Фридом Хаус проценува дека нелибералните лидери во Србија и Унгарија се мајстори во конструрањето на позитивни наративи за себе и на новата реалност, во што државните медиуми играат голема улога.

Репучи оцени дека „кога во контролираните медиуми се создава паралелна реалност, а граѓаните се потпираат на тие медиуми за да бидат информирани – промените се тешки, но не и невозможни.“

– Земајќи се во предвид, ситуацијата е многу сериозна. Многу е тешко, откако ќе се преземат овие мерки еднаш и се променат нормите во земјата, многу е тешко да се вратите на старото – додаде Репучи.

Во извештајот на Фридом хаус се наведува покрај другото дека Орбан и Вучиќ во централизирањето на моќта биле помогнати од неефикасната опозиција и европската поддршка.

Репучи оцени дека „работата на ЕУ не е да ги повикува сите на одговорност, но критиката на сметка на медиумската ситуација во Србија мора да биде погласна”.

Таа констатираше дека „не може да се очекува претседателот Вучиќ да дозволи промени, туку ќе продолжи да работи по свое”.

– Работите одат кон полошо и не знам дали го допревме дното. Но и граѓаните можат да направат нешто: можат да се борат, да протестираат … Промената мора да дојде одвнатре, видовме и во други земји: Ерменија, Етиопија, Малезија. Се случува нешто слично. Луѓето доаѓаат до преломна точка и кажуваат дека повеќе не можат ова да го толерираат – додаде авторот на извештајот на Фридом Хаус за Гласот на Амерка.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...