Возењето од Скопје до Гевгелија граѓаните ќе ги чини дополнителни 100 денари или вкупно за патарини ќе треба да издвојат 280 денари, бидејќи покрај веќе постоечките патарини се пушта во работа и патарината Демир Капија-Гевгелија. Цената за користење на 40 километри од овој дел од Коридорот 10, Владата со последната одлука ја утврди на 100 денари. Одлуката треба да стапи во сила за осум дена од нејзиното објавување во Службен весник.
Со новата Одлука за утврдување на цените на патарините нема промена на цената за домашните возачи, но затоа пак странските возачи, односно оние кои плаќаат во евра ќе имаат пониски патарини за намалувањето на провизиите кои ги наплатуваат банките.
На Коридорот 10 за странците за 50 центи се намалува цената на патарините Куманово-Миладиновци и Велес-Градско и тие за неколку дена ќе изнесуваат едно евро. Цената за новата патарина Демир Капија-Гевгелија за странците е утврдена на 2 евра.
– Воведуваме новина и олеснување за мотоциклистите. Тие досега плаќаа патарина иста со патничките автомобили. Сега ги одвоивме и утврдивме пониска цена за нив. Оваа категорија на патарини ќе се применува со воведувањето на електронскиот систем за наплата на патарините кој треба да почне да функционира за 10 дена – информира директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов.
Според утврдените цени за оваа категорија возила цената на патарината се движи од 20 до 60 денари ако се плаќа во денари и од 50 центи до едно евро за плаќањето во евра.
Од Државни патишта најавуваат дека за 10 дена ќе биде активиран и системот за електронска наплата на патарините со безготовински смарт картички и уреди за електронска наплата на патарина (таг) за кои веќе се предвидени и попусти кои се движат од 2 до 7 отсто од надополнетата сума на пари.
За почеток надополнувањето на картичките ќе се врши на патарина или преку мобилна апликација од мобилните телефони, а потоа и ќе се определат други пунктови за надополнување на картичките.
Купувањето картичка граѓаните ќе ги чини 100 денари, а ТАГ-от чини 1.200 денари.