Над 70.000 мали компании со високите сметки за струја оштетени годишно со десетици милиони евра

Новиот Закон за енергетика со кој се „враќа“ целосната либерализација ќе донесе бенефит за околу 70.000 мали компании со потрошувачка помала од 500 мегаватчасови остварена во претходната година, а кои по стариот закон ќе требаа да чекаат уште три години за да избираат од кој снабдувач ќе набавуваат струја.

1751

Малите и средни фирми кои сѐ уште плаќаат „индустриска струја“ поради тоа што во 2014 година тогашната влада на ВМРО ДПМНЕ ја одложи целосната либерализација на пазарот на електрична енергија, претрпеа вкупни штети од преку 100 милиони евра.

Новиот Закон за енергетика со кој се „враќа“ целосната либерализација ќе донесе бенефит за околу 70.000 мали компании со потрошувачка помала од 500 мегаватчасови остварена во претходната година, а кои по стариот закон ќе требаа да чекаат уште три години за да излезат на слободен пазар и да можат да избираат од кој снабдувач ќе набавуваат струја.

Овие компании инаку требаше да бидат на слободниот пазар од 1 јануари 2015 година од кога требаше да стапи на сила третата фаза, односно целосна либерализација на пазарот на електрична енергија. Со оглед на искуството на компаниите кои претходно веќе сами набавуваа струја и кај кои цените на електричната енергија се намалија за 40 отсто, проценките беа дека и овие малите ќе добијат електрична енергија поевтина за 30 до 40 отсто, во зависност од напонското ниво преку кое се снабдуваат.

Меѓутоа, три месеци пред стартот на либерализација, иако голем дел од фирмите веќе имаа склучено договори по цени пониски од оние по кои до тогаш добиваа струја, Владата донесе одлука за нејзино одлагање, односно спроведување во пет фази. Либерализацијата на пазарот на електрична енергија инаку беше и обврска преземена од членството во Европската енергетска заедница, а поради нејзиното одлагање на Македонија и се закануваше тужба од ЕЗ за кршење на европските правила. Објаснувањето кое тогаш беше дадено беше дека проценките на владата покажувале дека либерализацијата ќе доведе до мало намалување на цените за компаниите, но големо зголемување кај домаќинствата.

Сепак, досегашното искуство на фирмите кои веќе се на слободниот пазар, покажува дека сите тие имаа драстично помали трошоци за електрична енергија.

Според вицепремиерот Кочо Анѓушев, овие компании сега плаќаат цена од 140-150 евра за мегаватчас електрична енергија, а доколку беа на слободен пазар ќе плаќаа не повеќе од 75 до 85 евра за истата количина струја.

– Станува збор за негативен биланс на малите и средни претпријатија од повеќе десетици милиони евра на годишно ниво – кажа Анѓушев.

Со новиот Закон на слободен пазар ќе излезат и домаќинствата за кои со воведување на категоријата универзален снабдувач се гарантира дека нема да има зголеми цената на струјата.

Моментално на домашниот пазар фирмите можат да купуваат струја од некоја од 28 компании кои имаат лиценци за снабдувачи или од оние 30 кои се трговци со електрична енергија. Најголеми снабдувачи на пазарот моментално се компаниите Енерџи деливери солушн (ЕДС) и ЕВН снабдување. Компанијата ЕДС е во фаза на продажба на Грчкото електростопанство и според најавите се очекува во скоро време договорот да биде финализиран.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...