Важно е граѓаните да возат по безбеден автопат, а не дали за неговото пуштање ќе се организира свеченост, изјави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов, откако денеска без посебни свечености и најави беше пуштен во употреба авотпатот Миладиновци-Штип.
Овој автопат требаше да биде готов до мај 2017 година, а за него официјално имаше две одложувања во септември и декември лани.
– Автопатот е пуштен во моментот кога се исполнети условите за безбедно одвивање на сообраќајот – рече кусо Китанов.
Тој најави и дека за 10 дена ќе биде објавен тендер за изградба на две патарини колку што првично биле планирани да се изградат, но немало никаква документација за нив.
– Бидејќи немаше никаков проект за изградба на патарините, ние моравме да направиме проект да извршиме експропријација и да добиеме дозвола за нивна изградба. Во соработка со ЕБРД за 10 дена ќе се објави меѓународен тендер за нивна изградба, а во овој тендер ќе бидат вклучени патарините за автопатот Кичево – Охрид, како и за набавка на софтверски систем за набљудување на Коридор 8 од Миладиновци до Охрид – појасни Китанов.
Зависно од тоа како ќе тече тендерот, како што рече тој, ќе биде отпочната и завршена изградбата на патарините, но тие нема да бидат пуштени во употреба до Нова година.