Со изреката на Галилео Галилеј: „Сепак се врти!“, грчкиот премиер Алексис Ципрас одговора на прашањето дали може да се сврти играта, да се направи пресврт на предвремените парламентарни избори, откако на европските избори СИРИЗА доби 9.5 отсто помалку гласови од победникот Нова демократија.
Во интервјуто за државната телевизија ЕРТ во пресрет на изборите, говорејќи со, како што рече „јазикот на бројките“ објасни дека сепак е изводливо да се направи пресврт. Спомена дека е потребно да има поголема излезност, односно одново да гласаат околу 600 илјади гласачи кои во 2015 ја поддржаа СИРИЗА, а сега одбраа да не излезат на гласање, повеќето од нив за да го изразат незадоволството, но и доколку се вратат кон СИРИЗА оние кои гласале за помалите партии, а се околу 400 илјади.
Ципрас, иако рече дека 9.5 отсто е голема разлика, која го доведе до одлуката да оди на предвремени избори, сепак, објасни дека во споредба со евроизборите во 2014, СИРИЗА изгуби околу 200 илјади гласови, односно малку од 3 отсто, но и истакна дека едно се европските, а друго парламентарните избори, а на 7 јули сите партии почнуваат од нула и ништо не е однапред предвидено, јави дописничката на МИА од Атина.
– На 7 јули наутро, кога ќе се отвораат гласачките места, гласачките кутии ќе бидат празни, нема внатре да имаат гласачки ливчиња и ќе се наполнат од 7 сабајле до 7 вечер. Па така, резултатот е во рацете на граѓаните и на грчкиот народ што ќе излезе на гласање, апсолутно ништо не е однапред одредено. Резултатот од европските избори нема да се префрли во гласачките кутии и да се додадат нови гласови, гласачките кутии ќе бидат празни и одново ќе се наполнат, објасни Ципрас.
Тој рече дека овојпат станува збор за ново соочување, во кое главното прашање ќе биде „кој ќе ја води земјата во следните четири години, која влада, кој премиер, а со тоа и кој план, со која програма“.
– Ова според мене е клучно да го сфатиме. И во оваа битка, мерачот е на нула и почнуваме од почеток. Свесни сме во овој момент и за тешкотиите и тенденциите што преовладуваат во грчкото општество, но и за можностите што ги имаме. Зошто? Бидејќи СИРИЗА од европските избори во 2014, до националните избори во 2015, успеа, за само шест месеци да добие 670 илјади гласачи, рече грчкиот премиер.
Претседателот на владата на Грција рече дека граѓаните на изборите ќе гласаат за иднината на земјата, а прашањето е дали по изборите ќе има влада во која основниот столб ќе биде СИРИЗА што ќе продолжи со позитивните мерки или влада расположена за реваншизам и одмазда која ќе ја уназади земјата.
Во однос на тоа кога ќе се одржат предвремените парламентарни избори, Ципрас ги демантираше шпекулациите од изминатите денови дека би можело да има пролонгирање, објасни дека по комуникацијата со министерот за образование кој го информирал за испитите од државната матура, решил изборите да ги премести за една седмица, односно наместо на 30 јуни, да се одржат на 7 јули, а во понеделник ќе ја посети претседателската палата и од Прокопис Павлопулос ќе побара распуштање на Парламентот и распишување предвремени парламентарни избори.
– Од моментот кога решивме да бидат на 7 јули, можноста што ја имам е да одам следниот викенд кај претседателот, очигледно дека нема за време на викендот да одам кај претседателот на државата, ќе одам во понеделник, на 10 јуни, првиот работен ден во уставниот период одреден од законот и Уставот за одржување на избори на 7 јули, објасни Ципрас, пренесе МИА.
Во интервјуто за ЕРТ, што траеше еден час и 45 минути, грчкиот премиер детално и опширно говореше за позитивните мерки на Владата, рече дека во 2015, кога СИРИЗА дојде на власт презеле земја со празна каса, земја што се наоѓала на работ на банкрот и биле принудени на болен компромис за земјата да излезе од кризата.
Алексис Ципрас уште еднаш го повика лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис да одговори позитивно на поканата за тв дуел за да им се даде можност на граѓаните да се информираат за нивните програми и планови, да можат да направат споредба и да оценат.