Конечно, од денеска може да се вози по новиот автопат Миладиновци – Свети Николе – Штип. Од Министерството за транспорт и врски инофрмираат дека е пуштен за сообраќај во двата правца.
Апелираат до сите корисници да ја почитуваат поставената хоризонтална и вертикална сигнализација.
– Упатуваме благодарност до сите граѓани кои во овие неколку месеци беа трпеливи во однос на користење на оваа автопатска делница. Упатуваме благодарност и до сите градежни компании кои директно или индиректно беа вклучени во изградбата на овој значаен капитален објект – наведуваат во соопштението.
Од Министерството за траспорт истакнуваат дека Владата на Република Северна Македонија и понатаму е посветена на изградба на капитални објекти што се од огромно значење за развојот на државата и подобрување на животот на граѓаните.
Автопатот е долг 47 километри, широк 27,4 метри, има четири ленти од 3,75 метри и две ленти за застанување од 2,5 метри. Проектираната брзина е 130 километри на час. По должината на автопатот има седум клучки. Делницата почнува после клучката Миладиновци, која има девет нови крака, долга е 1,5 километри и се спојува со коридорите 8 и 10. Последната клучка на автопатот е „Три чешми“, каде ќе има спојување со новиот експресен пат во изградба Штип-Кочани.
Долж автопатот е поставена челична одбојна ограда, мрежа за заштита од животни, оптички кабел, звучни бариери, службени премини.
Изградбата на автопатот ја почна претходната Влада, во февруари 2014 година и според проектот и плановите тој требаше да биде готов до март 2017 година. По промената на власта надлежните институции соопштија дека има бројни пропусти во изградбата и незавршени активности, по што беа склучени два анекса на Договорот за изградба со изведувачот кинески „Синохидро“.
Во изградбата на патот покрај „Синохидро“ беа ангажирани и домашните градежни компании „Бетон“ и „Гранит“, односно над 800 работници од државава. Со Договорот се наложуваше кинескиот изведувач да ангажира подизведувачи и да набавува градежни материјали од државава во вредност од најмалку 49 отсто од вкупната цена на договорите, а бројот на македонски работници да биде најмалку 51 отсто од вкупниот број.
На терен во тек е изградба на автопатот Кичево-Охрид, во должина од 57 километри, што, исто така го гради „Синохидро“. Според најавите, наскоро треба да се објави тендер за изградба на автопатот Скопје-Блаце, во должина од 13 километри. Финансиската конструкција изнесува 110 милиони евра, од кои 27 милиони евра грант од ЕБОР од каде се обезбедени и 20 милиони евра за првата делница од автопатот Гостивар-Кичево, на потегот Букојчани-Кичево.