Ангеловска-Бежоска: Иднината на банките зависи од прифаќањето на новите технологии

Според неа, справувањето на банкарскиот сектор со предизвиците ќе зависи од начинот на кој банките пристапуваат кон финансиските иновации и колку ги прифаќаат.

205

Финансиските технологии и иновации му даваат нов изглед на финансискиот сектор, создаваат нови даватели на услуги, деловни модели, нови производи и решенија, со што се менува целиот финансиски екосистем. Налетот на финансиски иновации од нови играчи, но и од актуелните даватели на платежни услуги на пазарот создава големи промени во финансиската индустрија, оцени денеска гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на почетокот на 12. Конференција за плаќања и пазарна инфраструктура што се одржува во Охрид.

Пред учесниците на собирот, Ангеловска-Бежоска истакна дека финансиските иновации поткрепени со дигитализацијата имаат потенцијал постепено да го преструктурираат финансискиот сектор.

– Новиот бран на дигитализација може да има големо позитивно влијание врз економијата – поттикнува иновации и продуктивност, ги трансформира јавните и приватните услуги, придонесува за поголемо финансиско вклучување на домаќинствата со недоволен пристап до услуги и главно, за подобрување на благосостојбата на општеството овозможувајќи поголем пристап до информации, знаење и податоци. Придобивките одат рака под рака со предизвиците на работните места и потребните вештини, оданочувањето, финансиските пазари и поттикнуваат нов начин на размислување за тоа како да се зачуваат основните права, како што се приватноста и безбедноста, како и монетарната и финансиската стабилност – рече Ангеловска-Бежоска.

Според неа, справувањето на банкарскиот сектор со предизвиците ќе зависи од начинот на кој банките пристапуваат кон финансиските иновации и колку ги прифаќаат.

– Не само што финтек-компаниите ќе се обидат да се однесуваат како банки, туку и банките ќе се обидат да се однесуваат како финтек-компании – рече Ангеловска-Бежоска.

Таа нагласи дека како мотив за иновации и одговор на се поголемите предизвици, Народната банка и Министерството за финансии заедно работат на Предлог-законот за платежни услуги и платни системи што ги транспондира одредбите од Директивата за платежни услуги два и другите релевентни директиви на Европската унија во областа на плаќањата.

– Поради широкиот и амбициозен опсег на новиот закон, тој е еден од најзначајните и сеопфатни сегменти од легислативата за финансиските услуги. Тој ги отелотворува целите за побезбедни плаќања, поголема заштита на потрошувачите, и поттик за иновации, истовремено обезбедувајќи еднакви услови за учесниците вклучувајќи ги и новосоздадените -рече Бежоска.

Таа информира дека ќе се формира работна група која внимателно ќе го следи развојот на финтек, во соработка со институциите кои воведуваат нови технологии.

-Тоа ќе им помогне на тие институции подобро да ги разберат регулаторните услови, но и ќе ни помогне нам соодветно да ги осознаеме развојните процеси на финтек, преку оцена на ризиците и прекројување на регулаторната рамка – рече Бежоска.

Михил ван Дуверен од Холандската централна банка истакна дека Република Северна Македонија активно успешно ги следи светските новини во финансискиот промет и поттикнувањето на развојот на платежните услуги базирани врз технолошки напредни решенија.

– Македонија е на добар пат во имплентирањето на европските регулативи кога станува збор за платниот промет. Сметам дека тоа ќе биде забележано и Европската комисија ќе го има тоа предвид при носењето на одлука за отпочнување преговори за евроинтеграција – рече Ван Дуверен.

Експертот од Холандската централна банка нагласи дека новите технологии во плаќањето ќе бидат во интерес на сите субјекти во платниот промет. Револуцијата во мобилната телефонија и плаќањето преку QR кодовите ќе биде се поизразено, што е важно од страна на потрошувачите, тие ќе решаваат како ќе ги плаќаат одредени услуги, дали преку готовина, преку картичка и преку мобилен телефон. Тука се нагласува и општествениот аспект односно одредбите на европската регулатива што е во насока на пристапност на сите потошувачи до услугите, особено за лицата со физичка попреченост, инвалидизираните лица и дементните лица.

На конференцијата во Охрид учествуваат претставници од 14 централни банки од држави од регионот и од европските и меѓународните институции. Тие ќе разговараат за повеќе клучни прашања поврзани со промените во правната рамка за платежната сфера во Европската Унија, најновите платежни решенија управувани од финтек-компаниите, отвореното банкарство, развојот на инстант плаќањата, дигиталните валути и крипто-средствата. На собирот ќе биде одржана и панел-дискусија на која истакнати експерти од банкарскиот сектор и секторот финтек ќе говорат за светот на отвореното банкарство и за финтек во иновациите на плаќањата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...