Србија до крајот на јуни и завршувањето на романското претседателство со Европска Унија, може да отвори само едно поглавие, објави денеска „Вечерње Новости“.
Српскиот весник, повикувајќи се на неименувани дипломатски извори во Брисел, наведува дека тоа можеби ќе биде поглавјето девет, кое се однесува на финансиските услуги, но и дека ниту за ова поглавје не е постигнат конечен договор меѓу земјите-членки на ЕУ.
Како што се посочува, во овој момент не е исклучена ни опцијата во јуни воопшто и да не се закаже меѓувладина конференција на Србија и ЕУ, односно Белград следните недели да не отвори ниту едно поглавие.
– Очекувањата во Белград беа да до крајот на јуни се отворат најмалку две поглавија, но овој исход станува се помалку реален, оценува „Вечерње новости“ истакнувајќи оти Белград долго време е подготвен за отворање на пет поглавија.
Во преговорите за прием на Србија во ЕУ, од вкупно 35, досега се отворени 16 поглавија, а две се привремено затворени.
Медиумите во Србија пишуваат дека и борбата против дискриминацијата против жените се поставува како проблем во преговорите на Србија со ЕУ.
Директорката на Канцеларијата за човекови и малцински права Сузана Пауновиќ денеска изјави дека Комитетот за елиминација на дискриминацијата на жените и даде 28 дополнителни упатства на Србија за тоа што треба да се направи во таа област до 2021 година.
– Неопходно е да се зголеми бројот на жени кои учествуваат во политичкиот живот, особено на локално ниво, изјави Пауновиќ за РТС.