Капиталот на странски фирми кои донеле пари во нашата држава за да градат фабрики во првиот квартал од годинава изнесуваат 78,8 милиони евра. Тоа е петпати повеќе од просекот во последните седум години за истиот период или за 227 проценти повеќе од претходно најуспешната година 2012 кога биле донесени 34,7 милиони евра, порача денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
Тој посочи дека за истата категорија во истиот период во 2012 се донесени 13 милиони евра, во 2017 – 12,9 милиони евра, во 2016 – 20 милиони евра, во 2015, 7,5 милиони евра, во 2014 – 17,4 милиони евра, во 2013 – 3,8 милиони евра и во 2012 – 34,7 милиони евра.
– Ова се вистинските бројки на странски капитал донесен за инвестиции во нашата држава. Оваа година во прв квартал се донесени 78,8 милиони евра, а просекот од претходните седум години изнесува 15,6 милиони евра или петпати помалку отколку што се донесени годинава.
Најдобра година претходно е 2012 година кога изнесувале 34,7 милиони евра или за 227 отсто помалку отколку во 2019 година, рече Анѓушев на денешната прес-конференција во Владата.
Ова, како што посочи, е уште еден показател дека за 19 фабрики што се градат во ТИРЗ и 6-7 надвор од индустриските зони некој донел капитал и со тие пари ги гради.
– Вкупната бројка е помала заради што годинава имаме специфична ситуација и имаме големи средства на компании кои испорачале производи од нашата држава, а не ги наплатиле, воглавно од нивните мајки фирми и таа ставка годинава изнесува 171,8 милиони евра во првиот квартал – појасни Анѓушев.
Доколку тие пари се додадат на 21,6 милиони евра тоа би била реалната ситуација бидејќи тие 171,8 милиони евра ќе бидат наплатени, потенцира Анѓушев.
Прашан како се одлеале средствата, Анѓушев рече дека тоа може да се направи во две категории од кои првата е преку давање кредит од странските компании кои функционираат во државата на своите фирми мајки или давање позајмици надвор од државата.
-Тоа треба да се оданочи на крајот на годината и нормално е дека тој кредит е одлив и не е спорно, но со оглед на фактот што производството во странските компании значително порасна тие сега имаат произведени производи и испорачани производи надвор од државата, а не наплатени. Тоа значи дека парите не се стигнати во државата, а производите се испорачани. Такви побарувања годинава се 171,8 милиони, а минатата година биле 64 милиони евра – рече Анѓушев.
Тој додаде дека тоа се должи на зголемената активност на компаниите што соодветсвува со индустрискиот раст.
Прецизира дека во државава смо две до три постоечки фирми кои веќе имаат капацитет и градат дополнителни капацитети, а останатите се компании што својата инвестиција ја најавиле или ја почнале лани или во текот на годинава.