Од полноќ стартува дигиталниот систем за обработка на царински декларации и акцизни документи (СОЦДАД), информира Царинската управа.
Системот за обработка на царински декларации и акцизни документи е во ранг на најсовремените системи кои се користат од страна на земјите членки на ЕУ, и со негова примена, нашата земја е чекор понапред кон исполнување на барањата за влез во Европската Унија.
Со него значително се поедноставува работата на сите учесници во царинската и надворешно-трговската постапка во ефикасна и модерна царинска околина. Царинските постапки кои досега се реализираа на хартија ќе бидат заменети со електронски постапки. СОЦДАД е современ и комплексен систем кој ги интегрира постоечките системски решенија.
За економските оператори, тоа значи намалување на времето на поднесување на декларации, поедноставување на процесите, и најважно – значително намалување на трошоците. Сите процеси се автоматизираат со што се намалува можноста за човечки грешки, како и ризикот од недозволени дејствија и корупција.
До СОЦДАД економските оператори можат да пристапуваат преку сопствени системи или со користење на Порталот за трговци на Царинската управа кој е достапен без надомест.
Од Цариската управа апелираат сите економски оператори навремено да проверат дали ги исполнуваат основните услови за користење на системот:
– Да поседуваат електронски потпис (сертификат);
– Да имаат одобрен пристап до СОЦДАД;
– Доколку поднесуваат декларации како застапници, потребно е во СОЦДАД да побарале и добиле Одобрение за застапување. Предуслов за ова е претходно најмалку еден вработен да побарал и добил лиценца за застапување во СОЦДАД.
– Сите одобренија поврзани со царински постапки мора претходно да бидат обезбедени во СОЦДАД.