Заев: Ќе обезбедиме решенија за пласманот на земјоделските производи

151

Светска банка обезбеди 30 милиони евра да помогне во изведба на откупно – дистрибутивните и преработувачки центри низ државата со кои ќе ги максимaлизираме приносите и профитабилноста на земјоделците, изјави премиерот Зоран Заев, одговарајќи на пратенички прашања во Собранието.

Заев, во вториот дел од собраниската седница посветена на пратенички прашања, посочи дека Владата е фокусирана да обезбеди решенија за пласманот на земјоделските производи, што е едно од важните прашања за приходите на земјоделците.

– Втората работа што ја правиме во тој дел се посебните услови преку инвестициските програми за земјиште. Веќе една фаза помина. Сега и Валандовско-богдански-дојранскиот регион е еден од регионите што ќе бидат во наредните фази за давање под концесија земјиште за изградба на преработувачки капацитет или откупен пункт. Следуваат втора и трета фаза, до три и над три хектари површини кои се распределуваат – објасни Заев.

Тој посочи дека третата можност за финансирање изградба на преработувачки или дистрибутивни центри е преку ИПАРД програмата.

– Верувам дека со реален фокус и изградба на откупни пунктови и преработувачки капацитети и дистрибутивни центри дополнително ќе помогнеме земјоделието повторно да биде достоинствена гранка. Верувам многу во оваа политика и сум ја ветувал. Доаѓам од земјоделски регион и сегашниот министер, а верувам и еден од критериумите за поставување на идниот министер ќе биде неговата лична верба во оваа работа, затоа што верувам дека како политика и политичари ќе бидеме успешни ако навистина решиме колку што може повеќе проблеми во земјоделието поврзани со пласманот – изјави Заев.

Премиерот нагласи дека ваквите постапки ќе почнат ова лето и веќе на локациите доделни во права фаза ќе почне да се градат центрите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...