Oдржување ниска и стабилна инфлација преку стратегијата на одржување стабилен курс на денарот во однос на еврото, како и определбата за одржување стабилен и сигурен банкарски систем, што е и основен предуслов за финансиска, а со тоа и за макроекономска стабилност и за остварувањето одржлив економски раст на земјава се основните стратешки цели на Народната банка содржани во Стратегискиот план донесен на денешната седница на Советот.
Тригодишниот Стратегискиот план содржи единаесет цели.
Во него, како што соопштија, се разработени основните предизвици во работењето на централната банка, како и најважните точки на делување во наредниот тригодишен период.
„Предвидени се и активности за развој на пазарот на платежни услуги, а одделно се и активностите и за натамошно обезбедување квалитетни статистички податоци, целосно усогласени со меѓународните и европските статистички стандарди. Преку одделна стратегиска цел се опфатени и активностите за подготовка на Народната банка за приклучување и членство во Европскиот систем на централни банки. Утврдените стратегиски цели се основа за изработка на плановите на организациските единици и програмата за работа на централната банка за следната година“, стои во соопштението.
Советот на Народната банка денеска ја донесе и Програма за истражувачка активност е предвидено и во периодот 2020-2022 година.
Заради натамошно унапредување на системите на деловните банки во земјава за управување со ризиците, Советот, како што информираат, донесе и нова Одлука за методологијата за управување со ризиците, што ќе се применува од крајот на оваа година. Најзначајните новини коишто се воведуваат со Одлуката се однесуваат на зајакнување на барањата за ефикасно управување со ризиците, воведување обврска за банките да ја дефинираат и да ја следат интерната ликвидност и зајакнување на барањата за известување на Народната банка. На седницата е истакнато дека се очекува дополнителен придонес од воведените новини за зголемување на стабилноста на банкарскиот систем, како и за прудентноста во неговото работење.
На седницата, Советот ја донесе и Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за правилата за добро корпоративно управување во банка, како и Одлуката за изменување на Одлуката за издавање дозвола и согласност за вршење услуга брз трансфер на пари.