Без помош од земји што имаат развиена финансиска разузнавачка мрежа, земјава не може да реши големи случаи на перење пари и финансиски тероризам. Земјава ги има потребните закони но ѝ фалат подобри техники за спречување на прекуграничниот криминал. Една од земјите која ги помага институциите е Велика Британија со која денеска е потпишан Меморандум за соработка во размена на информации и знаења за сузбивање даночни и царински кривични дела и перење пари.
Министерот за финансии Драган Тевдовски како потписник од земјава рече дека се прават напори за сузбивање на ваков вид криминал има и законско покритие за областа.
– Во рамки на тие активности се Законот за спречување перење пари со кој ги ограничивме готовинските трансакции во вкупниот промет. Исто така, во рамки на тие активности се работи на креирање систем на соработка на институциите во областа на сузбивање на неформалната економија на национално и на локално ниво, преку размена на податоци. Се работи и на јакнење и унапредување на капацитетите на институциите, дигитализирање на нивните процеси, кои веќе даваат резултати во подобрена наплата на приходи во буџетот – рече министерот за финансии Драган Тевдовски.
Тој информира и дека од лани земјата е членка на БЕПС Инклузивната рамка, развиена од страна на ОЕЦД- каде што со посебни мерки заедно со 128 земји учествува во спречувањето на одбегнување на плаќање на данок.
Британската амбасадорка во земјава Рејчел Галовеј истакна дека Обединетото Кралство инвестира во развој на капацитетите во регионот на Западен Балкан.
-Треба да работиме заедно во сузбивање на прекуграничниот криминал. Соработката меѓу властите и царинските управи е клучна во развојот на здраво и стабилно партнерство, кое ќе придонесе за поголема сигурност и просперитет -рече амбасадорката.
Директорот на Управата за царински работи и приходи на Обединетото Кралство Ендру Павлинич посочи дека земјава е лидер во иницирање размена на информации на Западен Балкан.
Тој додаде дека Управата за царински работи и приходи на Обединетото Кралство ја поддржала иницијатива за размена на податоци помеѓу царинските управи на земјава, Црна Гора, Косово, Србија, Босна и Херцеговина и Албанија.
Директорот на Царинската иправа Ѓоко Танасоски рече дека последните две години се интензивира соработката со царинските органи на Обединетото Кралство за подобрување на постојните и примената на нови техники на работење преку размена на информации и најдобра практика во областа на борбата против криминалот, забрзување на царинските постапки и трговијата воопшто.
Сања Лукаревска од УЈП вели дека се спроведени повеќе мерки за спречување одлив на средства од буџетот.
– Кон крајот на 2018 година се донесени измени во Кривичниот законик при што се пропишани нови кривични дела ,,даночна измама” и ,,избегнување плаќање акцизи”, со што се прецизираат и санкционираат дејствијата што директно го оштетуваат буџетот- рече Лукаревска.
Директорот на Управата за финансиско разузнавање Блажо Трендафилов оцени дека перењето пари и финансирањето тероризам се едни од најкомплексните кривични дела за докажување.
Директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми информира дека лани се поднесени 42 кривични пријави за даночно затајување, а годинава само една.