Не ги охрабрувајте вработените во јавната администрација со награди, не го правете тоа ниту со министрите, ниту со директорите на државните институции, сите тие земаат пари од граѓаните за работата што ја вршат. Ова го побара од бизнисмените и граѓаните Катица Николова, членка на Државната комисија за спречување на корупцијата во својата дискусија на денешната конференција насловена „Зајакнување на интегритетот и намалување на корупцијата во државниот и приватниот бизнис – сектор“ во организација на Центарот за граѓански комуникации и Здружението на граѓани Конект.
Николова, меѓутоа, смета дека корупцијата не вирее само во јавниот сектор, туку ја има и во бизнисот.
– Што е ако не корупција давањето стан од градежна фирма на луѓе кои даваат дозволи и изработуваат урбанистички планови или бесплатните екскурзии за наставниците од страна на туристичките агенции – рече таа.
Според неа, во борбата со корупцијата најголем проблем е рамнодушноста дека не може ништо да се преземе околу тоа, но дека новиот Закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси отворил нов фронт за борба против корупцијата.
Министерката за правда Рената Дескоска смета дека Државната комисија за спречување на корупција не смее да остане единствен орган во системот за одржлива борба против корупцијата.
– Тука се на потег и Јавното обвинителство и судовите. Затоа се насочени и нашите напори кон донесување на новиот Закон за јавно обвинителство, што ќе го направи траен орган во системот кој што ќе има ефикасни надлежности спрема сите кои се носители на јавни фунции. Во моментов немаме позитивни вести во носењето на Законот за јавно обвинителство, но се надевам дека конечно ќе го финализираме овој закон, што практично треба да ни овозможи уште еден траен механизам во системот за борбата против корупцијата – рече Десковска.
Министерот без ресор, задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност Роберт Поповски, посочи дека пред две години владата стартувала од минусно салдо во насока на отвореноста на институциите.
– Сега во последните извештаи Владата е на првото место по транспарентност во споредба со владите од регионот. Во 2017 година бевме на последното место. Меѓутоа, тоа е само еден сегмент. Тоа значи дека сме се отвориле и граѓаните и медиумите ги имаат информациите на располагање – рече тој.
Загрижува фактот, како што рече Поповски, што ваквото однесување на Владата не го следат и јавните институции.
– Тие се на петто место. Тоа значи дека има разноликост во пристапот кон презентација на информациите и начинот на комуникација со јавноста. Локалната самоуправа е на петто место. Тоа се драматични разлики и тоа говори и за политичката волја и за поставеноста на носителите на јавни функции и како ја доживуваат обврската да бидат отворени кон граѓаните – рече тој.
Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации, посочи дека истражувањето за транспарентноста и отчетноста на 30-те најголеми претпријатија направено во последниот квартал на 2018 година покажува дека просечно ниво на транспарентност и отчетност на државните претпријатија изнесува само 28 проценти од можни 100.
– Највисоко ниво на транспарентност и отчетност го покажа ЈП за државни патишта со 52 проценти, а на дното се наоѓа АД Градски трговски центар со ниту една објавена информација која согласно закон треба да биде објавена – рече Факиќ.
Никица Кусинкова од здружението Конект, рече дека бизнисмените веќе алармирале дека корупцијата им влијае на работењето.
– Во земјава 66 отсто од компаниите изјавиле дека корупцијата им е проблем за деловниот развој, што значи го препознаваат како проблем за нивен зголемен раст, додека истражувањата на глобално ниво покажуваат дека поради корупцијата за десет проценти се зголемуваат трошоците на деловно работење на компаниите. На глобално ниво за десет проценти се зголемуваат трошоците на деловно работење поради корупцијата и дури до 25 проценти во јавните набавки – рече Кусинкова.