ЕВН организираше волонтерска акција за средување на дворот на „Музејот на Република Северна Македонија“ во старата скопска чаршија. Во дворот на „Куршумли Ан“ дваесет и пет волонтери од Корисничкиот енерго центар „Васил Главинов“ на ЕВН ги кастреа старите и оштетени дрвја и нараснатата трева, изнесуваа отпаден материјал. Волонтерите целосно го заменија оштетено осветлување, ги бојадисуваа канделабрите и заштитните огради кај скалилата, информираа денеска од ЕВН.
Со оваа акција целосно беше обновен дворот на „Музеј на Република Северна Македонија“ и подготвен за одржување на предвидените манифестации во летниот период.
Претседателот на Управниот одбор на ЕВН, г-дин Штефан Петер, и директорот на Mузејот на Република Северна Македонија, г-дин Гордан Николов едногласно порачаа :„ Музејот со години ги просветлува нашите умови, затоа вреди ние денес да го осветлиме него“.
Вработените во ЕВН од летото 2017 година, ја почнаа програмата „ЕВН Волонтира“ преку која реализираа повеќе од 30 волонтерски акции и посветија над 3.500 работни часови во унапредувањето на квалитетот на живот во нивните локални заедници. Активностите се реализираа во сите градови и населени места, а во проектот досега се вклучија повеќе од 300 вработени.
Трудот на вработените беше насочен кон реновирање на училишта, градинки и установи за згрижување на посебни категории на граѓани, поправка на оштетена електрична инсталација, уредување на јавни зелени површини, чистење и селекција на отпад, организирање на едукативни работилници за деца, пренос на знаење, готвење и слично.
Уникатноста на ЕВН Волонтира е во тоа што воспоставува системско решавање на волонтерството во компанијата. Корисноста на програмата беше препознаена и од заедницата, затоа освои две Национални награди за најдобри општествено одговорни практики во Македонија за 2018 година.