Ѕвездата на „Игра на тронови“, Кит Харингтон, се наоѓа на рехабилитација откако беше емитувана последната епизода од хит-серијалот на ХБО во кој тој го толкуваше ликот на Џон Сноу.
„Кит одлучи да ја искористи паузата во својот работен распоред како прилика да се повлече на одредено време и да поработи на решавање на некои лични проблеми“, стои во соопштението.
Благодарение на „Игра на тронови“ во која го играше Сноу чии потези во последната епизода беа најголемо изненадување за целата серија, целосниот анонимус Харингтон стана планетарно познат.
Додека во соопштението не се наведуваат причините за неговата криза, „Њујорк пост“ објави дека актерот тешко го погодило завршувањето на работата на серијата и дека се наоѓа на рехабилитација поради стрес, исцрпеност и проблеми со алкохолот.
Во интервју за „Вариети“ во март оваа година, актерот изјави дека во почетокот тешко се справувал со славата и „застрашувачкото“ внимание кое му го донела серијата.
– Кога станувате главен во ТВ-серијата, која тогаш е на самиот врв, а фокусот е на вас, тоа е застрашувачки – истакнал Кит и додал дека морал да се чувствува како најсреќната личност на светот иако во реалноста се чувствувал многу ранливо.
Последната епизода од „Игра на тронови“ беше емитувана 19 мај и само во САД привлече рекордни 19,3 милиони гледачи.