Иновативноста цвета – 500 компании очекуваат пари од Фондот за иновации

291

Вкупно 487 компании со свои иновативни проекти аплицирале на првиот овогодишен повик за кофинасирани грантови за поддршка на иновации од Фондот за иновации што е двојно повеќе од лани. Реализацијата на овие проекти, доколку сите добијат пари од државата би значела инвестиции од 105 милиони евра и вработување на 2.750 лица кои ќе земаат плати далеку повисоки од државниот просек.

Ова денеска го сооопштија вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и директорот на Фондот Јован Деспотовски.

Како што соопшти вицепремиерот Анѓушев, пресметките се дека компаниите кои учествувале на повикот побаруваат од државата околу 70 милиони евра, а сопственото учество е 35 милиони евра. Фондот меѓутоа за годинава располага со 10,5 милиони евра кои треба да ги распредели на два повика од по близу пет милиони евра.

– Интересот е значително поголем од планираните средства. За годинава се планирани 10,5 милиони евра кои треба да се распределат во два повика. Како влада ќе размислиме за можноста да се издвојат дополнителни средства од буџетот за оваа намена или да се пренаменат средства за да се опфатат што поголем број проекти. Тоа е во случајот, ако проектите бидат позитивно оценети од надворешните експерти кои одлучуваат врз основа на критериумите. Тука владата и вработените во Фондот немаат никаков удел во одлучувањето – рече Анѓушев.

Директорот на Фондот за иновации, Деспотовски информира дека од годинава во проектот се вклучува и Светска банка која има пет експерти кои ги оценуваат проектите во втората фаза. Во првата фаза комисијата за проценка на проектите ја сочинуваат 50 надворешни експерти.

– Со влезот на Светска Банка, но и според нашите проценки парите кои се издвојуваат за проектите оценивме дека не треба да бидат целосно неповратни туку се враќа 5 отсто од добиениот профит за пет години – појасни тој.

Повратот на пари од веќе инвестираните средства на Фондот, како што рече, е минимален, но очекува доколку проектите се покажат успешни и одржливи на пазарот дека во иднина ќе може да се смета и на парите кои овие компании ги враќаат на посебната сметка на Фондот.

Деспотовски рече дека годинава од овој вид доделување грантови се изземени големите компании за кои ќе следуваат поинакви мерки, за да се овозможи што поголем број мали и микро средни компании да имаат пристап до парите.

– И годинава доминираат ИТ компаниите, но за разлика од лани веќе имаме проекти од компании од скоро сите сектори и од приватното здравство што зборува дека иновативноста ја има во сите сектори, што е добро. Во однос на регионалната застапеност за разлика од лани кога доминираше скопскиот регион, веќе имаме од сите региони. На пример, лани имавме само 4 апликации од тетовскиот регион, а годинава се 13 проекти – информира Деспотовски.

Тој информира дека моментално се врши евалуација на проектите во кои се гледа колку од нив поднеле изјава за поврзаност со функционери. Очекува бројот на ваквите компании да не биде повеќе од 10.

Лани од Фондот за иновации преку овој проект пари добиле 133 компании, а аплицирале 244. Тие вработиле 800 лица кои земаат плата од 40.000 денари. За три компании од минатогодишниот повик Фондот за иновации до Антикорупциската комисија достави барање за мислење дали во постапката имало прекршување на која било регулатива. Согласно проценката на ризик, Комитетот за распределба на финансиите треба да донесе конечна одлука за нив.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...