Фестивал на светлината во Скопје

256

Во Скопската чаршија, на кејот на Вардар и во Градскиот парк од денеска до 1 јуни ќе се одржува вториот Фестивал на светлината (Skopje Light Art District) кој вечер од 20 часот ќе биде отворен во Куршумли ан. Организатор е ЈУ Универзална сала со поддршка на Град Скопје.

Дваесет и пет уметници, уметнички здруженија и уметнички групи од земјава и од странство  од 20 до 24 часот во четирите фестивалски денови на 18 локации ќе ги изложуваат своите дела, ќе ги изведуваат своите претстави и перформанси.

– Со инсталации и настапи во многу бои и светлина, „Skopje Light Art District“ и реномираните светлосни уметници кои ќе бидат дел од него, на присутните ќе им ги претстават фантастичните и митски суштетства и чудовишта кои магично излегуваат од крошните на дрвјата или се вешто скриени во некој дел од урбаната џунгла, светлечките дрвја, музичките перформанси, 3Д-проекциите и уште многу други светлосни атракции, соопшти организаторот.

Почетната точка од патеката на фестивалот е во чаршијата, води по кејот на Вардар и завршува во Градскиот парк. Посетителите можат преку мобилна апликација и мапата на веб-страницата на фестивалот (www.skopjelightartdistrict.com) да се вклучат и самите да ги откриваат поставките.

Фестивалот ќе има и посебен дел за одмор, забава и дружење на посетителите, кои ќе имаат можност да присуствуваат и на првиот 3Д-мапинг натпревар, на кој домашни и странски уметници ќе се натпреваруваат за фестивалското гран-при – наградата „Златко Славенски“.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...